Маестро Кире Лазаров има да ви покаже нешто

Како беше она: Годините се пролазни, класата е вечна. Тоа е Кире Лазаров за коj оние 39 кои ги има се само бројка и ништо повеќе.

Најголемиот македонски ракомет на сите времиња и првиот во историјата кој стигна до 1.000 голови во Лига на шампиони, синоќа на гостувањето со Нант против Шамбери во домашното првенство, приреди хичкок завршница.

Домаќините беа во постојано водство, едно време водеа со +6, на полувреме +4, а на две минути до крајот беше 28:26 за Шамбери. Но потоа финишот беше тотално луд.

Нант успеа да го израмни резултатот и со оглед на тоа што цело време беше во негатива, тоа ќе беше голем бод. Ама не, кога го имате Кире Лазаров во тим, каков бод какви бакрачи.

Откако сирената означи крај, на гостите им остана завршниот удар, односно оној слободен удар кој најчесто завршува над гол или во блокот на играчите.

Но погледнете што изведе „ил капитано“ наш за извонредна победа на Нант кој го врати од мртвите. Конечни 28:29, благодарение на проектилот на Кире преку жив ѕид.

За Лазаров победничкиот гол беше вкупно шести со што беше најефикасен кај гостинскиот тим.

Инаку Нант со скор од 8 победи и 3 порази се искачи на петтата позиција во француското првенство. Лидер е ПСЖ со Раул Гонзалес со максимални 22 бода на 11 меча.

Цепа француски

29 ноември 2019 - 10:35