Европскиот првак падна во Јане Сандански

Ракометарите на Вардар го совладаа Монпеље, но не го освоија второто место во А групата. Не беше нож до коска да се победи францускиот противник, но ако Веспрем загубеше од Кјелце Црвено црните ќе добиеа малку полесен противник во осминафинале.

Додека Вардар го торпедираше Монпеље кој лани ја освои Лигата на шампионите во финале против Нант на Кире Лазаров, Веспрем направи пресврт на дуелот со Кјелце во финишот и со тоа ја задржа втората позиција во групата.

Тоа значи дека Вардарци за противник во осминафиналето ќе имаат двомеч со Загреб, а доколку Веспрем загубеше денеска од Кјелце, Вардар како второпласиран ќе играше со Спортинг.

Момците на Парондо влегоа максимално концентирано на овој дуел и го отворија со фантастични 6:0, а Монпеље го постигнаа првиот гол дури по 9 минута игра. Иако во неколку наврати имаа комотна предност Вардар на полувреме замина со предност од 16:13.

Во прво полувреме во еден жесток дуел се повреди Германецот Дисингер, а Суси за тоа доби црвен картон, но на Парондо не му се поматија сметките. Имаше и игра и резултат кој го диктираше на цел меч и на крај славеше со 33:27.

И покрај заминувањето на Раул Гонзалес и неколку ракометари од костурот на шампионската екипа, сепак Вардар прикажа одлични изданија во фазата по групи која ја завршија зад лидерот Барселона со 9 победи, една нерешена и 4 порази.

Најдобар стрелец кај Вардарци е Кристопанс со 7 гола, Карачиќ постигна 6, а Чупиќ 5. Дејан Милосављев повторно имаше одлична партија со 13 интервенции.

2 март 2019 - 19:07