Реал суспендира 357 сезонски поради продажба на навивачи на Барса

За време на Ел Класико на Бернабеу секогаш имало навивачи на Барса по сите сектори, а ние ги приметуваме кога режијата ќе ги улови со дрес или шал. Овојпат беа многу повеќе и тоа по места резервирани за сезонци на Реал со сезонски билет кои решиле да заработат.

Минатиот викенд Реал го претрпе најтешкиот пораз досега сезонава, откако најлутиот ривал ги победи 2:3 во Мадрид и бодовно ги стигна.

Ај што изгубија, туку на секој навивач и член на управата на Реал тешко му паднало кога гледал како навивачи на Барса со шалови и дресови го прославуваат секој од трите гола.

Уште пред топката да влезе во голот на Кејлор Навас, во кадарот зад голот се гледаа поддржувачи на Блауграна кои креваа раце и се радуваа. И ништо не би било чудно ако тие места не биле резервирани за луѓе кои поседуваат нумерирана сезонска карта за натпреварите на Реал Мадрид но решиле да ги продадат преку Интернет или преку огласување.

„Да, околу 3.000 карти се предвидени за големите компании со кои соработуваме, така што не можеме да знаеме кој од нивните врабтени таму би ја поделил или продал картата. Од лоцираните места се гледа дека не се тие карти, туку наши сезонски корисници“, велат од управата на Кралскиот клуб откако им стигнало многу жалби од своите навивачи дека тоа што се случувало не било нормално.

Клубот почнал сериозна истрага, ги ловел местата каде седеле навивачи на Барса и досега открил 357 „продадени души“ кои сакале да заработат некоја пара. Од таа причина управата на Реал соопштила дека „социосите“ (членовите) со сезонски карти веќе губат право да ја обноват истата догодина.

Од друга страна, полицијата не пријавила ниту еден инцидент, што е добра околност, особено ако се знае што би се случило на други стадиони во Европа при таква тензија.