36 години од најголемата трагедија во рускиот спорт за која се криело

Големата трагедија на „Хејсел“ е една од најцрните моменти во историјата на спортот и за неа се знае речиси сè. Но фудбалот памети уште една, тешка трагедија за која не се знае многу.

На денешен ден, 20 октомври 1982 година, пред 36 години на легендарниот стадион „Лужники“ во Москва се случила трагедија по мечот Спартак Москва - Харлем во осминафиналето од Купот на УЕФА во која загинале огромен број луѓе.

***

Пред мечот, во Москва паднал првиот снег. Натпреварот се играл во среда, а дента имало силен мраз и температура од околу -10 Степени што е права реткост за средината од октомври.

Иако за мечот биле печатени 82.000 карти, се продале само 16.643 влезници. Тогаш стадионот уште не бил покриен на сите трибини, а пред натпреварот домаќините успеале да го исчистат снегот од теренот и отвориле само две трибини од стадионот. (Еден месец претходно на мечот против Арсенал дошле 60.000 гледачи).

На двете трибини се собрале 23.000 гледачи што било далеку помалку од продадените карти. Кога почнал натпреварот на трибината А на „Лужники“ имало околу 4.000 гледачи, а останатите биле на трибината Ц која е поблизу до метро станицата.

Холандскиот Харлем го бодреле стотина навивачи.

Мечот почнал во 19 часот по локално време а веќе во 16’ минута Едгар Гес постигнал гол за Спартак од слободен удар. Пред крајот од натпреварот, кога веќе немало сериозни шанси за нов гол, голем дел од премрзнатите гледачи тргнале да излегуваат од стадионот.

За 20-ина секунди до крајот од мечот Сергеј Шверцов дал нов гол за конечни 2:0. Во тој момент многу луѓе пробале да се вратат на стадионот, но кај подтрибинскиот простор од трибината Ц настанало страшно стампедо во кое загинале 66 луѓе. Незапаметена трагедија.

Телата на загинатите прво биле пренесувани кон споменикот на Ленин пред стадионот а потоа биле развезувани по московските мртовечници па на судско-медицинска експертиза па кај роднините за погребување. 

„Подобро да не дадев гол, подобро да промашев“, рекол потресениот Шевцов неколку дена подоцна.

Првите детали за трагедијата се појавиле дури во 1989 година но ден-денес не се знае колку точно луѓе настрадале и кој е виновен. На десетгодишнината од трагедијата на „Лужники“ е откриен споменик во чест на загинатите, а 15 години подоцна ветераните на Спартак и Харлем одиграле ревијален натпревар во чест на сите загинати.

****

Уште пострашно делувала реакцијата на властите и јавноста. Единствено соопштение за трагедијата било објавено следниот ден и тоа на последната страна од весникот „Вечернаја Москва“.

Весниците „Советски спорт“ и неделникот „Фудбал. Хокеј“ после трагедијата (на 21 и 24 октомври) објавиле подробни статии за тој натпревар но не кажале ниту збор за страшната трагедија. 

Фудбалерите на Спартак дознале за трагедијата од својот тренер Николај Старостин следниот ден после мечот. Според некои сеќавања, радиостаницата „Гласот на Америка“ уште вечерта на 20 октомви соопштила за трагедијата.

Некои фудбалери на Харлем тврделе дека за тоа што се случило дознале дури седум години после трагедијата. Во современите западни медиуми, трагедијата на „Лужники“ неретко се поистоветува со трагедијата на „Ајброкс“ во Глазгов (Шкотска) каде на 2 јануари 1971 година исто во последните моменти од натпреварот паднал гол а истовремено во подтрибинскиот простор настанало стампедо и загинале ист број луѓе како и во Москва - 66.

Денес, во знак на сеќавање на загинатите, тренерот на Спартак Москва Масимо Карера, заедно со потпретседателот на клубот Наил Измаилов и генералниот директор Сергеј Родионов положиле цвеќе пред споменикот кој се наоѓа пред стадионот „Лужники“.

20 октомври 2018 - 19:39