Кога дете заигра за Никол Ферт Гостивар со ветераните

Македонија сигурно е единствената земја во светот каде најмладиот рекордер кој дебитирал во првата Супер лига имал неполни 10 години и играл со ветерани кои во тој момент можеа да му бидат дедовци, не татковци.

Домашната јавност како да подзаборави на некои од епските клубови, играчи и тренери кои ја одбележаа мак-кошарката во '90-те и почетокот на 2000-те.

Веста дека гостиварскиот клуб Никол Ферт кој во 90-те години важеше за главен конкурент на вечните скопски ривали, на паркетот со сениорите ќе пушти дете, беше главна не само во регионот туку и пошироко.

Леонид Гајдаџиев, тогашниот претседател на кошаркарската федерација на Македонија и прв човек на Никол Ферт (имаше и таков парадокс), одлучи да го „фрли во оган“ својот син Никола кој имаше 9 години.

Малиот Никола кој имаше деби за Гинисовата книга на рекорди, тогаш со неполни 10 години,162 сантиметри и 53 килограми. Играше бек а првпат седеше на клупата против Куманово, а дебитираше против тимот на Центар. Одигра две ипол минути и ги постигна своите први поени во сениорската кариера.

- Свесен сум дека може да го повредат, но, тој е доволно физички развиен, има сила да шутира тројка од место, дури и го натфрла обрачот, изјави Гајдаџиев во тоа време за весникот Дневник после дебито на син му.

Буда Јоловиќ, ветеранот кој даваше по 40 коша

Додека неговите другари тогаш спремале есеи и тестови по математика, Никола Гајдаџиев учел финти од ветераните Будимир Јоловиќ (тогаш 43-годишен, денес извесно време вработен во такси компанија во Скопје), Хрватот Јосип Сичиќ (почина во јануари годинава на 45 години), капитенот Милан Сотировски, Јорданчо Давитков (селектор на Македонија), Зивчевиќ постариот, Ѓорѓи Књазев, Перо Блажевски, Гоце Андреевски, Марјан Совковски, Боби Петровски и други.

Сите овие играчи во сезоната 1999/2000 во финалната серија од плејофот го победија Работнички со 3:2 и на Гостивар му ја донесоа шампионската титула. Никол Ферт беше првиот приватен спортски колектив во земјава. Во ’90-те години овој клуб од Гостивар ја прекина шампионската серија на Работнички а освои и два трофеи во Купот на Македонија.

Никола Гајдаџиев подоцна во кариерата играше за Левски Софија

Дебито на малиот Гајдаџиев кој играше со и против кошаркари кои можеа да му бидат не татковци, туку дедовци тогаш ја подели јавноста.

„Катастрофа. Нехумано е 9-годишно дете да се стави во костец со луѓе што не му се врсници ниту по моторички, ниту по искуствен, ниту по анатомско-физиолошки статус. Во принцип тој треба да се натпреварува со свои врсници зашто биолошки припаѓа на таа категорија. На крајот, и да е многу напреден за својата возраст тој не може да е 17-18 години понапреден и да игра со 35-годишни професионалци. Законот за работни односи не дозволува вработување на лица помлади од 14 години. Тоа е казниво со закон“, бурно реагираше тогаш во изјава за весникот Дневник, проф. д-р Јован Јовановски, професор по предметот Осново на психомоторика на Факулетот за физичка култура во Скопје.

Тогаш покрај Работнички и МЗТ Скопје, во првата лига играа екипите на Жито Вардар ЖИВА од Велес, Поло Трејд, Кочани Деликатес, Куманово...