Австралија ја победи Америка после 55 години

Кошаркарите на САД го доживеаа првиот пораз од 2006 година. Во вториот пријателски меч, одигран во Мелбурн пред 52.079 гледачи, Австралија славеше 98:94.

Последниот пораз Американците го претрпеа во далечната 2006 кога изгубија од Грција во полуфинале на Светско првенство.

Преку 50.000 гледачи го видоа првиот триумф на Австралија над САД после 26 порази по ред.

Лидерот на Австралијците, Пети Милс одигра симултанка, со 30 поени од кои 13 во последниот период. Тимот предводен од Грег Поповиќ, кој важи за прв фаворит за златото на Мундијалот во Кина, имаше шанса на 17 секунди пред крајот да израмни но Херис промаши во обидот за три.

Оваа победа на Австралија одекна во кошаркарскиот свет затоа што Америка изгуби по страшната серија од 78 победи по ред (официјални и пријателски натпревари).

Покрај Пети Милс, голем удел во триумфот на домаќинот имаа и Ендрју Богут со 16 поени и 9 скока и Џо Ингс со 15 поени и 7 асистенции. Кај гостите, Кемба Вокер запиша 22 поени а Харисон Барнс 20.

До почетокот на Светското кое почнува на 31 август, Американците ќе одиграат уште една пријателска, против Канада. САД е во група со Чешка, Турција и Јапонија. Австралија, која уште еднаш покажа дека ќе биде сериозен ривал за сите противници на Мундијалот, ќе игра во група со Канада, Сенегал и Литванија.

24 август 2019 - 12:24