Зошто Монако секогаш игра пред полупразен стадион?

Македонските фудбалски клубови не се единствени кои играат пред 100 луѓе и 12 гулаби. Еден од најбогатите француски клубови кој играше во финалето на Лигата на шампионите игра пред малку гледачи поради што често се слуша ехо „Моја!“ или „пази леѓа!“

Вечер на Лига на шампиони; најпрестижното светско клупско натпреварување; твојот тим дава гол во длабоко судиско продолжение за драгоцен бод и останува непоразен во групата - но сето тоа е проследено од полупразен стадион на кои повеќе се слушаат тренерите.

За една таква средба нема стадион во Европа кој не би бил распродаден, но Монако привлече само 8.100 гледачи за ремито 1-1 против германскиот Баер Леверкузен.

Со капацитет од само 18.000 гледачи, стадионот Стад Луи II во Монако е еден од најмалите во европските Топ пет лиги и скоро никогаш не може да собере полн капацитет. Редовно има под 10.000 навивачи.

Но сигурно е дека ова не е поради недостигот на ентузијазам кај публиката, што е евидентно по познатиот хук и урлик по секоја судиска одлука против Монако или после шут близу стативата.

„Монако како град е прескап за навивачите на Монако“, се жали навивачот Јохан, кој патувал до градот да го бодри својот тим против Леверкузен.

Според numbeo.com, цената на живеење во Монако е дури 87% повисока отколку во Велика Британија, додека изнајмувањето стан под кирија е неверојатни 746% поголеми од Британија. Еднособен апартман во центарот на градот чини 5.500 евра месечно (6.166 долари).

„Скоро сите навивачи не живеат во градот, туку во други места ширум земјата. Многу е скапо да се живее овде, така што не може секој навивач да си приушти да доаѓа на стадион“, додава Јохан.

Сопственикот на клубот Монако, рускиот милијардер Димитри Рибољовлев

Многу од нив не се во состојба ниту да одвојат за паркирање во градот, поради што почесто решаваат на телевизија да ги гледаат своите „црвено-бели“. Малото Кнежевство на сончевиот Медитеран во Франција е дом на околу 38.000 жители од кои секој трет е милионер, како што пишуваше Wealthinsight во мај 2015-та година.

Најголема причина што милионерите живеат во луксузниот Монако е тоа што даночната политика е олеснителна за разлика од сите други европски земји. Од таа причина во Монако живеат стотина познати спортисти меѓу кои Луис Хамилтон, Новак Ѓоковиќ, Станислас Вавринка.

По неочекуваното испаѓање од француската Лига 1 во 2013-та година, Монако брзо се врати во елитата и тоа беше сигнал за нова успешна ера на поранешниот европски вицешампион.

Клубот почна да троши енормно, новиот сопственик, рускиот милијардер Димитри Рибољовлев даваше огромни суми за нови играчи (Жоао Мутињо, Фалкао, Хамес Родригез, но тоа не беше доволно да се победи моќниот ПСЖ во борбата за титулата. Освен тоа на Монако му се закануваше и забрана за трансфери поради Финансискиот фер плеј на УЕФА.

Монако започна нова политика, го продаде Хамес во Реал Мадрид, го врати Фалкао од неуспешната позајмица во Манчестер Јунајтед и влезе во групната фаза на Лигата на шампионите. Во моментов играат одличен фудбал и се втори во лигата со бод зад лидерот Ница.

„Во Монако живеат многу странци: Италијанци, Американци, Англичани и тие не се интересираат за фудбалскиот тим, така што само Французите се на стадионот. Но навивачите и натаму ќе доаѓаат на големите натпревари“, вели Давид.

Друг момент за одбележување е што навивачите повеќе сакаат да гледаат првенствени дуели отколку Лига на шампиони. Сезонава во просек Монако го гледале 9.700 гледачи, а големата победа од 3-1 против ПСЖ ја виделе повеќе од 15.000 гледачи.

Други двајца навивачи на клубот, извесна Тис и Пол кои патуваат за натпреварите во Монако признаваат дека поддршката не е доволна.

„Мал град. Живеат околу 38.000 луѓе, така што секогаш има малку народ на натпреварите. Но ширум Франција имаме многу навивачи. Комшиската Ница која што е ривалски клуб на Монако има многу повеќе навивачи. За Монако навиваат и луѓе од Париз, Марсеј и Лион, но многу им е далеку да доаѓаат на секој меч, така што се одлучуваат само за големите дерби дуели“, вели Пол.

На пример за пат од Лион до Монако и назад со гледање натпревар треба околу 10 часа, а од Марсеј 5 часа. И покрај тоа клубот е решен на оние кои доаѓаат да им пружи сезона за паметење.