Златан растура и на 38 години, не му требаше многу да почне да го вади Милан од криза

Се врати во Милан. Не му требаше долго време за да покаже зошто е дојден. На првиот меч против Сампдорија влезе од клупата за резерви и одигра 35 минути, а на вториот меч даде гол, намести еден и одигра одлично.

Швеѓанецот против Каљари, кој во еден момент од сезоната важеше дури и за сериозен претендент за Европа но сега претрпе дури 4 порази по ред, ги измотивира своите соиграчи да се разбудат од кошмарот кој ги прати со месеци.

Милан уште е во долниот дел од табелата, но јасно е дека доаѓањето на Ибрахимовиќ малку го здрма клубот на позитивно.

„Покажавме сосема поинаква игра во споредба со претходните и бевме многу поефикасни, посолидни. Присуството на Златан очигледно е фундамент на кој може да ја градиме играта“, изјави тренерот на Милан Стефано Пиоли.

Росонерите ја прекинаа серијата од три меча без победа и три меча без постигнат гол која што им се случува првпат во 24 месеци.

Од последниот гол на Ибрахимовиќ во Серија А поминале 2.806 дена. Последен пат даде гол против Интер во мај 2012 година (мечот заврши 2-4). Тогаш Златан постигна гол во 46’ минута а сега против Каљари само 32 секунди по стартот на вториот дел гол даде Рафаел Леао на кого Ибрахимовиќ сега му е ментор.

Ибрахимовиќ го постигна својот 123-ти гол во Серија А и тоа е втор резултат меѓу активните фудбалери. Кваљарела е прв со 156 погодоци во Серија А меѓу оние кои уште играат. Ибрахимовиќ го надмина Игуаин.

Златан исто така стана и петтиот по возраст стрелец кој постигнал гол за Милан во италијанската лига. Претходно Нилс Лидхолм бил 20 дена постар. Филипо Инзаги, Паоло Малдини и Алесандро Костакурта - легендите на Милан давале голови исто на стари години.

Швеѓанецот кој во кариерата играше за Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, ЛА Галакси, е прв играч кој постигнал гол во четирите последни децении. Првиот гол во кариерата го дал на 30 октомври 1999-та година.

„Многу паметно игра, ги советува исправно своите соиграчи. Прав ориентир е на теренот. Ќе стане уште посилен, ќе го видиме правиот Златан за три-четири меча. Сигурен бев во него уште кога зборувавме на телефон. Не ми требаше ни да го видам. Ибрахимовиќ сака да докаже дека уште е тој, неговото присуство ни помага нам како една од најмладите екипи во Серија А. Има таков карактер, одлучност и искуство што е неизбежно да го пренесува на другите“, додава Пиоли кој знае дека Златан може да му ја спаси сезоната.

Оваа теорија за Ибра ја потврди и Рафаел Леао, младиот талент кој на голема врата дојде во Милан но сè уште не се доискажа:

„За мене Ибра е буквално како постар брат. Уште кога дојде тука почна да ми дава совети за тоа како да ја подобрам својата игра и како правилно да се позиционирам на теренот. Негвото доаѓање е голем настан за мене зошто тој е голем играч, а јас сакам да научам што е можно повеќе од него. Мислам дека ќе ни помогне да ја смениме состојбата. Ќе ни помогне да победуваме. Со него на терен шансите за успех ни растат многу“.

Златан имаше 6 добиени дуели, имаше асистенција, гол и повеќе удари кон противничкиот гол од кој било друг играч на теренот (4).