За талентот на Рома кој преку ноќ стана миленик на Јужната трибина

Франческо Тоти, легендата на римскиот клуб, речиси никогаш не сакал да зборува за негов евентуален наследник. Никогаш, освен неодамна кога „на сите ѕвона“ го испофалил малиот Николо Ѕаниоло од кого тифозите на „волчицата“ очекуваат баш многу.

Пред мечот со Наполи, раководството на Интер го отстрани од екипата Раџа Наинголан поради кршење на дисциплината. Белгиецот, наводно доцнел на тренинг а на новиот директор на клубот Бепе Марота му пренеле дека тоа не се случува првпат.

Имаше дури и теорија дека Наинголан претходната ноќ ја поминал во диско клуб и дошол во алкохолизирана состојба на тренинг.

470 километри подалеку од Милано, во Рим, навивачите на Рома веќе заборавија на нивниот некогашен идол Раџа Наинголан за кого Рома доби 24 милиони евра плус Давиде Сантон и Николо Ѕаниоло.

****

Токму појавата на 19-годишниот (може да игра крило и полушпиц) е најдоброто нешто што и се случи на Рома сезонава.

Додека Наинголан од трибините ја гледаше победата на Интер над Наполи и го виде банерот на тифозите на Интер дека поддржуваат што е отстранет од тимот, Ѕаниоло стартуваше за Рома против Сасуоло и постигна величествен гол во стилот на Тоти.

Коментаторите на Sky Sports го споредија голот на младиот Николо со мајсторијата на Франческо против Сампдорија во 2004 година:

Но Ѕаниоло стои цврсто на земја: „Не, немојте такви споредби, не е во ред.“

Самиот Тоти кој во моментов е во управата на Рома за Ѕаниоло вели: „Изгледа зрел како ветеран. Игра многу едноставно. Ѕаниоло е многу технички поткован играч. Има се за да прерасне во голема ѕвезда. Но не кажувајте му дека сум го фалел.“

Тинејџери во првите тимови на клубовите од Серија А се реткост. Само десет фудбалери помлади од 20 години за цели 18 кола одиграле нешто повеќе од 3.000 минути.

Меѓу нив има тројца фудбалери на Рома: Лука Пелегрини (163), Ѕаниоло (523) и Џастин Клајверт (587). Лидери на овој список се голманите Џанлуиџи Донарума од Милан со 1.620 минути и Албан Лјафон од Фиорентина со 1.396 минути.

За разлика од сите нив, Николо Ѕаниоло минатата сезона играше во Primavera - младинското првенство на Италија, а до дебито за првиот тим на Рома на професионално ниво одиграл само седум меча и тоа за второлигашот Виртус Ентела каде почнал на високо ниво..

Согласно статистиката, само 12% од децата во клубовите добиваат шанса во Серија А, а скоро и да нема некој да почне од почеток во првите 11.

„Кога се потпираш на младите, ти секогаш ризикуваш. Лесно може да пропадне кариера на млад играч. Николо мора уште многу многу да работи. Тој има правилен однос и амбиции“, вели тренерот на Рома Еузебио Ди Франческо.

****

Татко му на малиот Николо Ѕаниоло, Игор, со гордост раскажува дека син му е подобар отколку што тој бил на времето.

Ѕаниоло-постариот играл во Серија Б за скромните Козенца, Тернана, Салернитана и Месина. Негов единствен трофеј во кариерата е титула во C2 ниската лига во 1999/2000 со Специја.

Кога Николо имал 10 години, Игор Ѕаниоло го однел во школата на Фиорентина. Во структурата на „виолетовите“, Николо поминал цели седум години и „испаднал од проектот“ затоа што за него како и за многу други немало веќе место.

„Ми кажаа дека не гледаат иднина за Николо во младинците. Сакаа да го дадат во Карпи или Чезена, но таму исто ќе играше само за младинцит. Николо имаше 17 години, тоа е најправо време за влез во професионален фудбал. Потоа се договорив со директорот на Фиорентина Панталео Корвино за раскин на договорот и го пратив син ми во Виртус Ентела каде им даваа шанса на млади играчи“, вели Игор Ѕаниоло.

Игор Ѕаниоло тогаш постапил правилно и му ја спасил кариерата на синот. Но медалот има и друга страна па така на пример Пино Витале, поранешниот спортски директор на Емполи и близок другар на Корвино, рекол дека Николо го отпуштиле од Фиренца затоа што татко му постојано ги давел и гњавел луѓето од Фиорентина за тоа какви висини ќе достигне син му.

„Просто им досади“, рекол Витале.

Притоа малиот Николо имал и проблеми со физичката подготвеност: во споредба со другите деца изгледал слабичок и мал. Но кога ја напуштил Фиорентина, за две години се извишил цели 25 сантиметри и денес изгледа помоќен од многу постари фудбалери. Има 190 сантиметри и тежи 79 килограми.

СТИГНА ДО СЕНИОРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА УШТЕ ПРЕД ДЕБИТО ВО СЕРИЈА А

Младиот бисер на Рома е само еден од тројцата во историјата кој без ниту еден меч во Серија А стигнал до репрезентацијата на Италија.

Сè се случило многу брзо:

- На 9 јуни 2018 Ѕаниоло го освоил младинското првенство на Италија со Интер. Имал 13 гола и 11 асистенции за една сезона со „нераѕурите“, а со неговиот гол против Јуве во полуфиналето, младинците на Интер влегле во финалето;
- На 25 јуни отишол на медицински прегледи во Рома;
- На 29 јули играл во финалето на Евро U-19 (Италија U-19 изгуби 4:3 од Португалија, Николо имал асистенција за гол);
- На 1 септември го викнале за сениорската репрезентација.

Пред него без ниту еден меч во Серија А во составот на Италија влегле Масимо Макароне (Мидлзборо) и Марко Верати (Пескара Серија Б). За тоа дека Манчини го ставил на списокот, Николо дознал во вестите на Sky Sports иако Манчини претходно му се јавил на телефон да поразговараат ама не му најавил дека ќе го повика. 

Како фудбалер од средниот ред, Ѕаниоло седеше на клупата за резерви на дуелите од Лига на нации со Полска и Португалија. Поранешниот селектор на Италија Чезаре Прандели (сега во Џенова), рекол дека решението на Манчини е „величествена провокација“ затоа што секогаш сите секогаш тврдат како во Серија А не играат млади фудбалери.

ДЕБИТИРАШЕ ЗА РОМА НА „САНТИЈАГО БЕРНАБЕУ“

Реал со 3:0 ја разнесе Рома во групната фаза од Лига на шампиони, но Ѕаниоло не обрнувал внимание на резултатот.

„Дознав дека ќе играм на утринскиот собир на екипата. Искрено не очекував. Тешко беше да се спремам за натпреварот. Имав уште десет часа и цело време мислев како ќе истрчам на теренот против шампионот со кого до вчера играв на PlayStation. Вечерта испадна лесна. Просто излегуваш на терен и правиш што знаеш“, искрено рекол Ѕаниоло.

Брзо потоа Николо го одигра и вториот меч во Серија А. Заигра во дербито со Интер и доби висока оцена од La Gazzetta dello Sport. Имаше четири шута кон противничкиот гол (најмногу од цела екипа), четири пати го помина својот чувар (најмногу дриблинзи во цела екипа) и изнуди пенал кој судијата по долго мислење не го досуди. Дербито заврши 2:2.

ЖИВЕЕ СО МАЈКА МУ И ГО ОБОЖАВА БРАЗИЛЕЦОТ КАКА

„Беше тешко да не изгубам глава. Да останам цврсто на земја ми помогна семејството“, вели Николо.

Во Рим тој се преселил со мајка му и сестра му, тие живеат во стан кој им го изнајмил клубот.

Татко му останал во Специја и таму држи тобако. „Зборуваме три-четири пати на ден. Поддршката од татко ми многу ми е важна“, додава Ѕаниоло.

Тој има многу тетоважи и сите се посветени на блиските. Има натпис Family на рацете, има датум на раѓање и името на помладата сестра како и тетоважа со слика од мајка му Франческа кога сега ги знае сите играчи на Рома зошто лично го вози синот до базата во Тригориа.

Мајка му Франческа вели дека во собата му висел постер од Кака. Во чест на Бразилецот го одбрал дресот со број 22 и признава дека позицијата полушпиц (trequartista) му е покомфорна отколку да игра крило во формација 4-3-3 затоа што тогаш мора повеќе да трча во одбраната.

Поранешниот тренер на младинците на Интер Стефано Веки (во моментов тренер на Венеција) не го споредувал со Кака туку: „Стилски, Николо потсеќа на Џерард или Лампард“.

Така пред 14 години Липи зборуваше за Даниеле Де Роси.

„Капитенот Де Роси е многу добар. Постојано ме советува. Во тунелот на ’Сантијаго Бернабеу’ Даниеле ме гледаше и ми рече: “Не се плаши“. Тоа ми беше доволно да се ослободам.“

Добра околност е што менаџер на Ѕаниоло не му е Мино Рајола па навивачите на Рома не мора да се плашат. „Николо долго ќе остане со нас“, вели спортскиот директор на Рома Мончи.