Водич во најголемиот фудбалски турнир летово - Копа Америка 2019

Ако планиравте да одморите од фудбал после финалето на Лига на шампиони, сте се зафркнале. Во петок према сабота почнува Копа Америка - турнирот за најдобрите селекции од Јужна Америка каде се живее за фудбал.

КРАТКО ОКОЛУ ИСТОРИЈАТА

Копа Америка е најстариот турнир за репрезентации на планетата. Првпат е одржан уште во 1916 година, на 14 години пред првото Светско првенство во историјата и дури 44 години пред првиот Европски шампионат.

Рекордер по број на титули не е ниту Аргентина ниту Бразил, туку Уругвај со 15 титули. Но важно е да се каже дека Уругвајците ги освоиле сите свои пехари во далечно минато. Не освоиле Копа Америка само во ’70-те и ’80-те а последен пат го освоија континентот во 2011-та.

Звучи чудно, но вистинито - Аргентина својата последна титула на Копа Америка ја освои пред 26 години со младиот Батистута. До ден-денес „Гаучосите“ важат за најголеми малери затоа што на последните пет изданија на Копа Америка Аргентина четири пати стигна до финалето но секогаш губеше и тоа дури три пати на пенал (по два пати од Бразил и Чиле).

Бразилците до 1997 година ја освоиле Копа Америка на домашен терен. Во таа ’97-ма во составот ги имаа Кафу, Роберто Карлос, Роналдо и Ромарио кои ги мелеа ривалите. Две години подоцна Ромарио го заменија Ривалдо и Роналдињо кои на Селесао му донесоа нов пехар.

На почетокот на 2000-те Бразилците пуштаа втор состав на репрезентација но и покрај тоа стигнуваа до завршницата. Само во 2001 година срамно испаднаа од Хондурас во нокаут фазата, но потоа освоија две титули по ред при што во 2004-та година просечната возраста на селекцијата беше 22,5 години а единствен светски првак во репрезентацијата беше Клебер.

После дојде ерата на најсилните можни состави за Копа Америка (Меси и Агуеро за Аргентина, Форлан, Кавани и Суарез за Уругвај, Санчез и Видал за Чиле).

ФОРМАТ НА ТУРНИОТ

Според форматот, има 3 групи по 4 репрезентации. Понатаму одат само првите две селекции од секоја група, како и две најдобри третопласирани. Овој систем функционира од 1993 година со исклучок на претходното издание во 2016-та година кога учество земаа 16 репрезентации и турнирот се прошири на цела Америка а не само на Јужна.

Интересно, од следната Копа Америка правилата ќе бидат поинакви, односно ќе има 2 групи по 6 селекции.

ОД КАДЕ ПА СЕГА ЈАПОНИЈА И КАТАР?

Секако прво прашање кое паѓа на ум кога се гледаат групите. Одговорот е едноставен: покана за репрезентации од други континенти се дава уште од 1993-та година кога играле Мексико и САД. Ајде овие две репрезентации некако се и поблизу до тој дел од светот, но надреално е учеството на Јапонија и Катар на Копа Америка.

Јапонија играла и во 1999-та година во рамките на подготовки за Светско првенство.

Раководството на КОНМЕБОЛ донело одлука да ги покани на Копа Америка финалистите од Купот на Азија, но не очекувале дека таму ќе се најдат Катар и Јапонија.

МЕСТО НА ОДИГРУВАЊЕ

Арена Гремио - капацитет од 55.563 гледачи

Оваа година Копа Америка ќе се игра во Бразил од 14 јуни до 7 јули во 5 града, на 6 стадиони. Четири од овие 5 града беа домаќини на Светското 2014 - „Арена Коринтијанс“ во Сао Пауло, „Фонте Нова“ во Салвадор, „Минериан“ во Бело Оризонте и „Маракана“ во Рио. Останатите два стадиони се „Арена Гремио“ во Порто Алегре и „Морумби“ во Сао Пауло.

Одлуката да се игра на „Гремио Арена“ е одична. Во Порто Алегре има два стадиони, но „Бејра Рио“ пред пет години беше домаќин на Мундијал и таму имаше помал интерес. Стадионот е старомоден и без покрив на трибините. Има и големо растојание од трибини до терен. Иако собира 67.000 гледачи, тој не е многу привлечен па затоа е добро што домаќинот се решил за стадионот на Гремио.

Ова ќе биде петта Копа Америка која се одржува во Бразил (1919, 1922, 1949 и 1989 година). Секој пат Бразил освојувал на домашен терен.

ПРЕДВИДУВАЊА ПРЕД КОПА

Главен фаворит е Бразил. После бледото учество на прошлата Копа Америка и доаѓањето на новиот селектор Тите, Бразилците изгубија само два пати на 35 меча од кои едниот во четвртфинале на Светско првенство.

Бразил игра моќно со репрезентации од својот континент. Во квалификациите за Светско 2018, Бразил на 12 меча собра 32 бода со гол разлика 33:3. Иако од тогаш досега поминаа скоро две години, Бразил не е ништо послаб.

Кариоките на неколку дена пред почетокот останаа без Нејмар кој се повреди на пријателска средба, но за него имаат доволно добри замени.

За Тите тврдат дека е конзервативен селектор и дека го сменил начинот на подготвување на натпреварите (донел повеќе помошници, скаути и аналитичари), но во некои аспекти не сакал измени.

Што се однесува до составот, најголеми дилеми во средниот ред се дали Фернандињо или Фабињо, и во нападот дали Габриел Жезуз или Фирмино.

Аргентина е исто меѓу главните фаворити. На клупата седна привремениот селектор Лионел Скалони, а во составот од ветераните останаа само Отаменди, Меси, Ди Марија и Агуеро. Гаучосите имаат многу изменет состав и свежа крв како Таљафико, Акуња и Ло Челсо.

Единствен проблем за Аргентина би можела да биде неугираноста и очекувањата „дај му ја само на Меси“.

Во потесниот круг фаворити е и Уругвај. Легендарниот селектор Табарез и натаму се потпира на ветераните во составот како Муслера, Годин, Хименез и двајцата врвни центарфори Суарез и Кавани.

Уругвај немаше одлична пролет но оваа селекција знае да игра големи турнири. Икс-фактор би можел да биде Макси Гомез од Селта. Во среден ред Табарез има голем избор - Бентакур, Ториера, Валверде, Переира, Нандез, Аракаста. Уругвајците уште не ја извршиле смената на генерација и тоа може да биде меч со две острици.

Проблем со смена на генерација има и Чиле чиј пола состав веќе играше на Светското 2010 година во Јужна Африка. Единствени млади се Лихновски и Кастиљо со по 25-26 години. Тие се претенденти за трофејот само поради тоа што ги освоија двата претходни пехари во Копа Америка.

Поголеми шанси има Колумбија со ѕвездите Куадрадо, Хамез и Фалкао. Повреден им е Хуан Кинтеро, Оспина ќе биде на голот а во одбраната Мина и Девинсон Санез. Вилмар Бариос пред нив а тука е уште и Едвин Кардона. Во шпицот Фалкао би можел да го менува неверојатниот Дуван Ѕапата кој растури сезонава во Серија А за Аталанта.

Колумбија е во група со Аргентина. Селектор им е Карлош Кеирош кој ќе се обиде по трет пат во историјата да ја однесе Колумбија во финале на Копа Америка.

Копа Америка досега стално нудела изненадувања. На пример Парагвај не играше на последните две Светски првенства, но играше во финалето и полуфиналето на Копа Америка. Перу два пати завршуваше трет уште пред да се пласира на Мундијалот во Русија. Дури и Венецуела стигна до полуфинале на Копа Америка во 2011 година. Единствени непознаници се Јапонија, Еквадор и Катар.

На отворањето ќе играат Бразил и Боливија во 02:30 часот петок кон сабота. Во сабота од 21:00 играат Венецуела и Перу. Во сабота од 00 часот на полноќ Аргентина ќе отвори против Колумбија а во 21 часот во недела ќе играат и Парагвај - Катар.