Во Арсенал ќе одиш а? Епа отиде кафаната

Додека цела медиумска машинерија труби за Нејмар, Икарди и други ѕвезди кои се очекува летово да сменат средина, Давид Луиз изненадно го крена дресот на Арсенал и ги налути навивачите на Челси.

Давид Луиз останува во Лондон, ама од западен оди во северен за трансфер од 8 милиони фунти.

Никој не очекуваше ваков развој на настаните на релација Челси - Арсенал во последниот ден од преодниот рок во Премиер лигата, која стартува вечерва со мечот Ливерпул - Норич од 21 часот.

И покрај тоа што Френк Лампард тврди дека направил људски муабет со бразилскиот стопер и дека се разделуваат пријателски, сепак за навивачите тоа не значи ништо. Одиш кај градските ривали и мора да го јадеш, па макар нудиш најубава храна.

Давид Луиз во Лондон држи италијански ресторан заедно со Вилијан, па навивачи на Челси удрија со негативни коментари за да му го намалат рејтингот.

Еден напиша дека во јадењето нашол коса.

Друг па реши да глуми Лампард со слика од него на својот профил.

Давид Луиз го напушта Челси по шест и пол сезони меѓу кои играше и за ПСЖ. Освои Премиер лига и Лига на шампиони, а по два пати го креваше пехарот во ФА Купот и Лига Европа.

Кога во јуни 2014-та потпиша за ПСЖ за 50 милиони фунти, тоа беше рекорден трансфер за еден дефанзивец во светот.

9 август 2019 - 16:47