Уметноста да знаеш да кажеш доста - Робин Ван Перси испратен како доликува

Во неделата Феенорд го одигра последниот домашен меч во сезоната и изгуби 0:2 од Ден Хаг, но на крајот е третопласиран, ќе игра во Лига Европа, а натпреварот беше во втор план. Навивачите имаа друга цел.

Во 92’ минута од натпреварот во Ротердам, тренерот Џовани ван Бронхорст го замени Ван Перси. Играчите на двата тима направија коридор и со долг аплауз го испратија легендарниот напаѓач во пензија.

Навивачите не само што го скандираа неговото име и му аплаудираа, туку и го избраа за играч на сезоната. Ван Перси е најдобар стрелец на клубот оваа сезона со 18 гола во сите натпреварувања, дури 6 повеќе од вториот.

„Имав цела сезона да донесам ваква одлука. Сега сум ментално спремен. Ако решев пред неколку недели, ќе бев многу потажен“, изјави Ван Перси пред последниот домашен меч во неговата кариера во клубот во кој израсна во голема ѕвезда.

Ван Перси заминува во пензија како најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Холандија со 50 гола и најефикасниот Холанѓанец во историјата на Премиер лига (144 погодоци). Робин два пати беше најдобар стрелец во Премиер, а еднаш го избраа и за играч на сезоната.

Ниту еден играч не дал повеќе голови од него на стадионот „Емирејтс“ на Арсенал (64) од каде замина пред 4 години.

Во чест на пензионирањето на својот најдобар фудбалер, Феенорд објави видео со неговите најдобри голови во кариерата:

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

‪Robin, thank you for sharing your art with the world. ✍️‬ 👑 ‪#RVPLegend ‬#Feyenoord

A post shared by Feyenoord Rotterdam (@feyenoord) on

Заедно со Ван Перси од Феенорд заминува и тренерот Ван Бронхорст. Популарниот Џио на Феенорд му донесе 5 трофеи: првата титула после цели 18 години, 2 Купа на Холандија и 2 Суперкупа. Во негова чест ќе биде именуван еден од малите стадиони во клупската академија.

На 15 мај Феенорд ќе го игра својот последен меч сезонава - на гости против Фортуна Ситард.