Така се гостува, ги газиш набрзина и си одиш

По ремито против Словенија и Израел, македонската фудбалска репрезентација ја продолжува позитивната гостинска низа. Петте освоени бодови на гости нека бидат мотив плус и за реванш средбите против Полска и Австрија.

Иако се под наше ниво и на ранг листата каде се 134-ти и по квалитет, сепак Македонија освои лесни, но важни бодови на гости против Летонија со кои табелата станува поинтересна.

Селекторот Игор Ангеловски за разлика од дуелот против Израел се одлучи за похрабра и поофанзивна формација. Овој пат го немаше единствениот напаѓач од тој дуел Несторовски, ама затоа во прв тим го видовме триото Пандев-Трајковски-Тричковски.

Со ваква навала зад која настапија Елмас, Барди, Адеми и Алиоски не се ни сомневавме во победа. Веќе по 17 минути игра на семафорот стоеше 0:2, резултат кој беше и конечен.

Првиот гол беше од одлично изработена акција која ја изработија Елмас и Барди, а капитенот Пандев беше егзекутор со репрезентативниот гол број 35.

Само три минути подоцна триумфот го потврди Енис Барди кој начека една исфрлена топка од домаќините и со бомбастичен удар на прва ја смести во гол.

На другите две средби Полска и Австрија одиграа без голови, а Словенија го совлада Израел со 3:2. Со овие резултати табелата бајаги се згусти. Македонија е на 3 бода до второпласираната Словенија која на 10 октомври ја пречекува во Скопје.