Panini Mundial 2018

Сликички за Светско некогаш се собираа од џепарлак, сега се лускуз

Од првенство до првенство, легендарниот албум за сликички "Panini" ги изненадува своите верни следбеници со поскапувањето не само во регионов, туку и во целиот свет.

Цената на една кесичка со пет сликички за долгоочекуваниот албум Светско 2018 предизвика големи негодувања во околните земји.

Кај нас, официјалниот дистрибутер не сакаше да ни открие кога албумот ќе биде пуштен во продажба, само ни потврдија дека ќе се појави наскоро:

(Nema pusteno. Albumot uste ne e stignat. Ke bide mnogu brzo. Tocen datum ne mozeme da dademe, Pozdrav!)

Во соседна Србија, дистрибутерот објавил дека албумот и сликичките на продажните места ќе се појават на 31. март но тамошните колекционери се бесни по најавата дека една кесичка со пет сликички ќе чини дури 80 српски динари (околу 41 македонски денар).

Претходно за Светското во Бразил една кесичка сликички таму чинела 50 српски динари што значи дека сега ќе бидат поскапи за дури 60%.

Хрватските колекционери, се пожалија по социјалните мрежи дека евентуалната цена од 4 до 5 куни (околу 41 денар) е далеку од она што го очекувале во пресрет на Мундијалот 2018 во Русија.

Колку за споредба албумот за Светското 2014 имаше 640 сликички на 72 страници, а овој за Мундијалот летово ќе има вкупно 682 сликички (42 повеќе од Светското во Бразил) од кои 50 ќе бидат посебно дизајнирани - грбовите на репрезентациите, пехарот за Светското, официјалната топка, маскотата, логото на турнирот, стадионите итн.

Груба проценка кај нас е дека во случај една кесичка сликички да изнесува 40 денари а вкупно има 682 празни места кои треба да се излепат, тогаш за купување и комплетирање на албумот би требало да се издвојат околу 5.376 денари (БЕЗ ДУПЛИКАТИТЕ КОИ НЕМИНОВНО СЕ ПОЈАВУВААТ).

Со оглед на тоа што за секое Светско или Европско првенство секогаш има раритети и сликички кои тешко се паѓаат или се наоѓаат по повисоки цени или пак во замена за повеќе други сликички, тогаш сигурно е дека колекционерите ќе мора да потрошат и до 7-8.000 денари за ова некогаш симпатично а денес луксузно хоби.

Џева се кренала и во Англија каде комплетирање на албумот Светско2018 ќе чини околу 110 фунти затоа што едно пакетче сликички чини 80 пени, за 60% поскапо од она за Европското 2016 кога едно пакетче изнесувало 50 пени. „Со овие цени ќе го собереме до Светското 2022 во Катар“, „Значи да се спремат едно 200 евра... Албумот некогаш се пополнуваше од детски џепарлак господа. Ова сега нема смисла, само за богаташи. Брука и срамота!“, се само некои од коментарите на бесните колекционери.

За ентузијастите кои би сакале да собираат, а не можат да си приуштат, Panini пушти опција за онлајн собирање сликички со можност секој ден по две пакетчиња бесплатно.

23 март 2018 - 13:09