“Слабо“ паричиња ќе се делат во Лига на шампиони

Лига Европа е ситна риба во однос на Лига на шампиони. Фондот за тоа натпреварување е четири пати послаб од најелитниот. Едно реми да изиграш во ЛШ и во клупска каса ти легнуваат 900.000 евра. Годишен буџет за еден македонски клуб. Од прилика.

УЕФА за сезоната 2019/2020 ќе подели 3,25 милијарди евра за Лига на шампиони, Лига Европа и Супер Куп на Европа. Тоа е практично истиот буџет од ланска сезона и толку е сочен што срамота е некој да се побуни.

Европската куќа на фудбалот вели дека 532 милиони евра ќе бидат наменети за организациски трошоци и солидарност.

Најголемата пара како и секогаш оди за најелитното клупско натпреварување каде ќе одат 2.04 милијарди евра. Парите се делат во следниве категории:

Котизација: Секој клуб кој ќе влезе во групна фаза ќе лапне 15,25 милиони евра. Машала.

Фиксни износи: Победа во групна фаза изнесува 2,75 милиони евра, а нерешено 900.000 евра. Пласман во осминафинале 9,5 милиони евра, четвртфинале 10,5, полуфинале 12 и финале 15. Победникот ќе ќари уште 4 милиони евра.

Маркет пул: Клубовите ќе добијат и вкупна сума од 292 милиони евра која се дели во согласност со вредноста на секој национален телевизиски пазар.

Учесниците во Лига Европа следна сезона ќе поделат 560 милиони евра.

Таму пласман во групна фаза е 2,92 милиони евра, победа 570.000 евра, а реми 190.000 евра. За 16 финале плаќаат 500.000 евра, осминафинале е 1,1 милиони евра, четвртфинале 1,5, полуфинале 2,4 и финале 4,5 милиони. Победникот лапа уште 4 милиони, исто како во ЛШ.

Челси и Ливерпул како учесници во Супер Купот на Европа ќе добијат по 3,5 милиони евра, а победникот ќе инкасира уште милионче. Финалето е закажано за 14 август во Истанбул.

12 јули 2019 - 11:45