Интервју со Саша Дуеркоп, генерален секретар на КОНИФА

Скопје спремај се за Светско, доаѓаат 500 фудбалери и илјадници навивачи од цел свет

Штом македонските институции креваат раменици, нека отворат Офф.нет за да дознаат што е муабетот со првото Светско првенство во фудбал кое ќе се игра замислете на Градски. 16 селекции ќе спијат во ист хотел, а зошто Скопје ќе ви каже Саша од Келн кој инаку бил на дербито Вардар – Пелистер.

Саша Дуеркоп е колекционер на дресови, математичар, економист, научник, ама и коосновач и генерален секретар на КОНИФА (Конфедерација на независни фудбалски федерации). Млад дечко кој брзо одговара на мејл.

Беше ептен среќен што му пишавме за Светското првенство кое ќе го организираат во Скопје. Да, да Светско во фудбал ќе има кај нас, ама не доаѓаат Бразил и Аргентина, туку непризнаени држави, малцинства, народи без држави и региони кои не се членки на ФИФА и УЕФА.

Информацијата одекна како бомба во Македонија, ама никој не знаеше што, како и од каде сега целава оваа работа. Ни ФФМ, ни влада, никој не се произнесе дека знае за Мундијалов.

Епа хотел Континентал е веќе букиран, а во него ќе спијат сите 16 земји учеснички. Ова се дел од нив, а другите ќе бидат познати откако ќе завршат квалификациите.

Организацијата и трошокот паѓа на нивен грб, а ние им го даваме Градски. Саша е инаку од Келн каде ги следи настапите на Дарко Чурлинов и добро е информиран за нашата репрезентација. Во 2015-те одржале Генерално собрание кај нас и од Скопје имаат убави спомени.

Зошто баш во Македонија, како ја донесовте одлуката?

-КОНИФА прво ги истражува своите земји членки за да утврди дали некој од нив би можел да биде домаќин на следното Светско. За 2020-та, за жал никој од нив не беше во можност да биде домаќин на првенството на кое ќе учествуваат 16 репрезентации од цел свет. Така, стана јасно дека КОНИФА ќе мора самостојно да биде домаќин во соодветен град домаќин, регион или нација. Откако имавме големи искуства во Лондон 2018-та и убаво се сетивме на Скопје од нашето годишно собрание во 2015-та, брзо дојдовме до заклучок дека токму Скопје може да биде атрактивен град домаќин.

Потоа почнавме да истражуваме и да разговараме со хотелиерите, автобуските компании и со сопственици на стадионите за да видиме дали би било остварливо. Го пративме нашиот директор за Азија, Јенс Јокел кој го посети Скопје пред само два месеци. Севкупно бевме апсолутно убедени во градот Скопје, неговата фудбалска и општа структура, гостопримството на Македонците, како и со бизнисмените со кои разговаравме. Извршниот комитет гласаше Светскиот фудбалски Куп 2020 на крај да се одржи во Скопје.

Која македонска иституција ќе учествува во организацијата, со кого контактиравте?

-Нема да учествува ниту една. Организацијата е глобално на грбот на КОНИФА.

Колку земји ќе учествуваат и кои се тие?

-Учесниците ќе бидат одредени до јануари 2020, веднаш штом ќе завршат квалификациите.

Кој ќе ја финансира целата организација и колку пари е планирано да се потрошат?

-Трошоците ќе ги покрие КОНИФА. Не можеме да откриеме колку ќе чини сè комплетно за што сум сигурен дека ќе имате разбирање.

Кои услови се потребни за една земја да биде домаќин на еден ваков настан?

-Секое место мора да биде подготвено за меѓународен спортски настан на кој ќе се соберат скоро 500 спортисти, илјадници навивачи, како и 300 до 500 новинари од цел свет кои обично ги следат нашите првенства. Покрај тоа бараме градови со отворен ум, инспиративни градови кои можеби нема да го привлечат целото внимание, но имаат потенцијал за привлекување луѓе и спортисти од цел свет. Скопје го има сето тоа и убедени сме дека градот ќе има голема корист од тоа да биде домаќин на ваков голем меѓународен настан и да се најде на насловната страница на медиумите од Бразил до Јапонија и од Норвешка до Јужна Африка.

Дали сте биле некогаш во Скопје за да ги видите условите на стадионите?

-Да. Имавме годишно генерално собрание во 2015-та заедно со 30 делегати кои ги претставуваа нашите земји членки во тоа време, така што го познаваме генерално градот и имаме добри спомени од тогаш. За да ги проверивме стадионите и да запознаеме неколку сопственици на стадиони испративме пред два месеци делегат во Скопје. Тој изврши увид и напиша обемен извештај до одборот.

Има ли некаква најава за гостински навивачи?

-Има голем интерес од навивачи од цел свет, посебно од Велика Британија каде нашето последно Светско првенство постави нови рекорди на гледаност. Се разбира, се надеваме дека и Македонците и луѓето од целиот Балкан ќе се соберат во Скопје за да го видат големиот меѓународен фудбалски фестивал. Едвај чекаме и благодарни сме на секој навивач кој ќе дојде.

Каде и кога ќе може навивачите да купат билети и колку ќе чинат?

-Во моментов работиме со неколку агенции за билети во Македонија, Балканот и пошироко за да ги пласираме билетите на глобално ниво. Билетите ќе бидат достапни на интернет, како и во продавници во Скопје и пошироко. Цените се уште не се одредени, бидејќи ќе зависат од таксите, но ќе бидат фер. Нашата главна цел е да привлечеме што повеќе публика.

Дали контактиравте со некои хотели и колкав капацитет е потребен?

-Да, КОНИФА стапи во контакт со хотел Континетал од Скопје, каде ќе бидат сместени сите селекции.

Што знаете за македонскиот фудбал, дали можеби ја следите нашата репрезентација или некој македонски играч посебно?

-Секако дека ја следиме вашата репрезентација и бевме многу импресионирани од трката што вашиот тим ја водеше на последните евро квалификации. Им се скрши срцето кога загубија од Полска и Австрија. Сега стискаме палци за вашиот следен меч со Косово. Со оглед на тоа што сум од Келн, од близу го следам македонскиот талент Дарко Чурлинов. Исто така сигурен сум дека имате голема иднина во таленти како Елмас, Стојановски и Младеновски. Инаку пред неколку години бев на мечот Вардар – Пелистер и се восхитував на атмосферата, како и на младиот тим кој играше во тоа време.

Од друга страна, не знам дека има некој играч од македонската лига кој учествувал во КОНИФА турнирот, но сигурен сум дека е прашање на време кога тоа ќе се случи. Играчи како Артур Едигарјан (Западна Ерменија) кој игра за Пролетер или Даур Чанба (Абхазија) член на Телеоптик од српската лига, како и многу играчи од првите лиги во Албанија, Романија, Словачка и Унгарија, покажаа дека многу од играчите кои се наши членови, може да имаат одлична кариера во професионалните лиги на УЕФА.

7 декември 2019 - 09:53