Преку Линделоф, Јунајтед спасил шведски третолигаш од банкрот

Кога Бенфика го купила младиот Виктор од малото клубче Вастерас потпишале договор во кој имало и клаузула за процент од следната продажба. Но кога виделе дека гигантите се јавуваат за него, решиле да го корегираат договорот на што Швеѓаните се согласиле и направиле лоша проценка.

Парите кои ги добиле како мал дел од 30 милиони евра вреден трансфер на нивен поранешен фудбалер не можеле да стигнат во подобро време за шведскиот клуб Вастерас кој лизга кон банкрот.

Кога Вастерас го продал Виктор Линделоф во Бенфика пред шесте години во 2011-та многу навивачи од малото градче во централна Шведска (100 км западно од Стокхолм) се прашувале дали сумата од 100.000 евра е доволно за младиот талентиран стопер. Но во договорот кој управата на Вастерас го направила со Бенфика стоела клаузула која што некој искусно ја издоговорил - процент од следната продажба.

„Апсоутно, исплатата значи сигурност. Сега не морам да ги лажам оние кои не спијат ден пред да добијат плата“, вели претседателката на Вастерас Кристина Лифнер.

Парите не можеле да им стигнат во подобро време. Сумата од трансферот на Линделоф од Бенфика во Манчестер Јунајтед решава големи проблеми, а претседателката Лифнер вели дека веќе насочиле средства и за развој на младинската академија:

„Рековме дека сакаме да изградиме академија. Колку чини тоа годишно? Ние на страна ќе тргнеме дел што ќе биде искористен за тоа“, вели 66-годишната Лифнер, поранешен економист.

Откако на времето се решиле да го продадат талентираниот стопер во Бенфика, Швеѓаните земале по 100.000 евра во три наврати - првпат за трансферот, потоа кога тој го одиграл третиот меч за Шведска У-21 и трет пат кога одиграл 10 сениорски меча за првиот тим на португалскиот шампион.

За 5 години во Бенфика освои 3 титули, 3 Купа и 1 Супер Куп

Но правиот потег во целиот договор била клаузулата од 20% на секој иден договор, па откако Бенфика видела дека за Линделоф „загризуваат“ европските великани веднаш сакала да го корекира договореното.

„Кажаа дека повторно би зборувале за нов договор за Виктор и дека нашиот стар договор веќе не важи“, вели шефицата на клубот Лифнер.

Вастерас преку правните советници се осигурал и уверил дека договорот се уште е важечки и одлучиле да не развлекуваат никаква правна битка.

„На крајот испреговаравме корекција во новиот договор и во него секако стои клаузулата но секому е јасно дека моравме малку да намалиме од претходниот договор“, додава таа.

Ако првичниот, оригиналниот договор уште бил на сила и ако не бил корегиран, денес Вастерас ќе земел 7 милиони евра од 35-те милиони евра кои Манчестер Јунајтед и ги платил на Бенфика за 22-годишниот стопер на Шведска. Но и покрај тоа тие се среќни.

„Секако дека нема да излеземе и да шпекулираме, но ако земеме еден процент па дури и половина на значајно голема сума на пари тоа и натаму се многу пари“, вели таа.

Вастерас ќе се обиде да се врати во најдобрата шведска лига до 2021 година, но ниту Лифнер ниту поранешниот стопер на шкотски Селтик а денес тренер на Вастерас Јохан Мјалби не се спремни да се расфрлаат пари по секоја цена.

Мјалби има две титули во Шведска од играчката кариера со АИК, како и три титули во Шкотска со Селтик.

„Тој извлече максимум од својот талент, многу повеќе отколку што јас направив како играч. Тој ќе ги освои симпатиите на луѓето. Да играш едноставно е најтешката работа за многу играчи. Бенфика е голем клуб, но Манчестер Јунајтед е гигант. Доведен е за многу пари така што нема да имаат многу трпение. Но сигурен сум дека ќе успее“, вели 46-годишниот Мјалби кој беше капитен на Шведска на Светското првенство 2002-ра.

17 јули 2017 - 10:17