Неприметниот јунак кој го спаси Тотенхем и кој трпеливо седи на клупа

Скоро и да нема не само фудбалер, туку играч во кој било колективен спорт кој спокојно и мирно седи на клупата за резерви. Единствен таков пример е Фернандо Љоренте, шпанскиот див кој без приговор чека шанса и се става во служба на генерал Почетино.

Да се биде Маурисио Почетино е многу сложено. Замислете: првпат сте во четвртфинале на Лига на шампиони, губите 3:2 на гости кај најсилниот клуб во Англија, без главниот играч на тимот (повредениот Хари Кејн дома на тросед го гледал мечот), играте пред 55.000 противнички навивачи и на сред меч ви се повредува важен играч од среден ред (Муса Сисоко).

А мора да носите брзи решенија.

Ај што ви е повреден главниот стрелец и лидер, уште и екипата ви е без НИТУ ЕДЕН трансфер ни минатото лето ни минатата зима. На клупа имате голман, четири одбранбени фудбалери, 18-годишен англиски играч од среден ред со само 7 меча во Премиер лига и еден шпиц. Фернандо Љоренте, кој пред некоја недела ни на сон не би помислил дека ќе се бори за полуфинале на Лига на шампиони.

Почетино се решава за најлудата варијанта: наместо борбениот работник Французинот Муса Сисоко, во 41’ минута на терен влегува високиот Шпанец Љоренте.

Генерално структурата на играта не се смени многу: Деле Али се врати подлабоко, Тотенхем со топка се спојуваше многу ретко, а на почетокот на второто полувреме нов шок - гол на Агуеро за 4-2 и уште пола час за спас.

*****

Љоренте дојде во Тотенхем на крајот од трансфер „дедлајнот“ на 31 август 2017 година. На 32 години пристигна во голем клуб.

„Мислам дека можам многу да научам од Хари Кејн и другите играчи. Многу можам да дознаам и од Маурисио Почетино. Мислам дека можам уште да постигнам и сакам тоа да го направам во Тотенхем“, рекол Шпанецот кој се прослави во Атлетик Билбао па имаше кратка авантура во Јувентус.

Се испоставило дека ова не било лицемерна учтивост, затоа што речиси никој не може да седи така спокојно и мирно на клупата како Фернандо. Тој е совршен резервен играч кој често влегува како адут (сезонава 13 од 22 шута кон противничкиот гол му се со глава затоа што ја користи висината).

Кога Хари Кејн се повреди во јануари, Љоренте го надомести неговото отсуство. На меч од Премиер проти Вотфорд Спарс губеа со 1-0 во 80’ минута, а Љоренте беше творец на комплетен пресврт во 87’ минута.

„Среќен сум што Фернандо упорно се трудеше. Во отсуство на Хари тој многу и се најде на екипата. Сфаќате дека да се работи во сенка на Хари Кејн, еден од најдобрите напаѓачи на светот е многу тешко. Секогаш ви треба трпение, ви треба време. Но Љоренте се покажа како голем професионалец. Секогаш му помага на тимот“, рекол Почетино.

За горостасот, Хари Винкс вели:

„Сигурно дека имаше тешко време во екипата, но неговиот пат покажува колку е ментално силен. Тој дава нешто повеќе од голови: ја држи топката, помага да организираме напад“.

Сите овие пофалби Љоренте ги докажа синоќа со Сити откако влезе пред крајот од првиот дел. Првпат во кариерата се покажа како главен херој во таков важен меч, можеби и најважен во современата историја на Тотенхем.

Скромните и тивки зборови во август 2017 сега имаат повеќе значај, затоа што Љоренте и Тотенхем покажаа дека не е потребна суперѕвезда, туку скромен играч спремен да учи и после 30-та година и трпеливо да биде во служба на колективот.