Неколку факти зошто Ривер - Бока во Европа ќе биде глупост

Во општата трка меѓу неколку градови кои сакаа да го добијат домаќинството на најголемото дерби на светот - на крајот победи Мадрид. Ама сега Аргентинците се жалат дека целава рапсодија околу Суперкласико во Европа е тотално бесмислена.

Големците одлучуваат и против нив не се може. А во случајов големци се Јужноамериканската фудбалска федерација КОНМЕБОЛ, ФИФА и Шпанската фудбалска федерација.

Во договор со клубовите, овие три федерации решија реваншот од Суперкласико во финалето на Копа Либертадорес да се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

До моментот додека не го добиле домаќинството, од шпанската фудбалска федерација тврделе дека во соработка со државата ќе обезбедат најдобри услови за спектаклот.

Но денешното издание на аргентинскиот Ole' вели дека официјален Мадрид бара од аргентинските власти да пратат полициски службеници и персонал кои би го чувал редот и мирот пред, за време и после мечот Ривер Плејт - Бока Јуниорс. Со тоа што треба сами да им ги покријат трошоците и наводно полицајците од Буенос Аирес да ги обучувале шпанските колеги како да се справуваат со фамозните „бара-бравас“. Па ако се спремни за тоа зошто не го обезбедуваат дуелот во Буенос Аирес како треба? Или зошто тогаш мечот се префрла од безбеносни причини?

Како прво викале дека мечот мора да се тргне од Аргентина поради безбедносни причини, а сега наеднаш бараат луѓе од Аргентина да го обезбедуваат натпреварот. Тотално бесмислено.

Документот кој Оле’ го прикажува потврдува дека Мадрид барал полициско засилување од Аргентина

Понатаму - Аргентинците се жалат дека организацијата со картите е лоша: Социосите на Реал Мадрид имаат ексклузивно право да купат карти, а ексклузивата на Ривер била пуштена во продажба буквално за секој.

Објавата за почеток на продажбата на карти требал да ја пушти КОНМЕБОЛ на нивниот сајт, но прво се појавила на Твитер а 20 минути подоцна на сајтот кој не работи како треба („Луѓе треба да изгубат неколку часа додека резервираат карта“).

А картите? Најевтината била поскапа од најскапите карти за првиот меч од финалето Бока - Ривер. А стави на тоа плус авионска карта до Мадрид, патни трошоци и се останато.

Со право се бунат и од Ривер Плејт, нивниот тренер Марсело Гаљардо изјавил дека не е фер Бока да ја имала предноста од домашен терен а тие сега да го немаат истиот момент.

Ди Ѕео и Мауро Мартин - водачите на фамозната Ла12

Таканаречените Лос Борачос - организираната навивачка група на Ривер нема да може да влезе на стадионот затоа што многу нивни членови добиле забрана за патување во Шпанија на натпреварот. Слично е и со другата страна (лидерите Ди Ѕео и Мауро Мартин исто не добиле зелено светло да ја напуштат земјата).