Навивачите на Милан погодија во центар, Донарума се расплака

Пред мечот од осминафиналето на Купот на Италија против Верона (3:0), тифозите на Милан му скандираа на Донарума: „Оди си ѓубре лакомо“ и извадија многу убитачна парола.

Банерот кој Curva Sud, навивачите на Милан го извадија зад еден од головите гласеше: „Морално иживување 6 милиони годишно и плата за брат ти паразитот? Сега губи се, трпението заврши“ ("Violenza morale 6 milioni all'anno e l'ingaggio di un fratello parassita? ORA VATTENE LA PAZIENZA E' FINITA")

Врти-сучи пак изби војна на релација Милан - Мино Рајола. Италијанските медиуми направија каша-попара во последните два дена и не се знаеше кој јаде кој пие. Дајте да се разбереме:

- Во вторникот, реномираниот и најголем италијански весник Corriere della Sera напишал дека Мино Рајола сака да го раскине новиот договор на Донарума со Милан. Него го потпишаа летово после скандалозните преговори во чие време навивачите го гаѓаа Донарума со лажни пари како алузија на безумните побарувања на агентот Рајола.

- Милан наводно вршел силен притисок врз голманот и не пропишал сума за исписница, откупна клаузула (сега клубот сам ќе реши дали ќе го продаде или не), т.е. не може никој да го откупи неговиот договор. Самиот Рајола веројатно не бил во Милано при потпишување на договорот.

- Според кажувањата на Corriere della Sera Рајола сака да го искористи лошото 7. место на Милан во Серија А и сака брзо да направи трансфер на голманот. Рајола сакал да го реактивира стариот договор кој истекува во јуни 2018-та, и барал правна основа за тоа. Така ќе може да го однесе во Реал Мадрид, ПСЖ и да заработи максимален процент.

- Телекомпанијата Sky Sport објави дека Донарума точно знаел дека во договорот нема да има откупна клаузула така што не може да жали. Деловното издание на Il Sole 24 Ore, пак, пиша дека Милан и семејството Донарума за новиот договор се договориле во апсолутно спокојна и хармонична атмосфера без тензија. Во договорот, пишува овој весник, немало откупна клаузула на што настојувал Рајола.

- На паролата на навивачите стои и платата на Џиџо (6 милиони евра годишно што е астрономска сума) и трансферот на неговиот постар брат, исто голман, Антонио Донарума којшто дојде во Милан од грчкиот Астерас и сега заработува 1 милион евра годишно а не бранеше на ниту еден меч.

Според Gazzetta dello Sport, Донарума може да биде продаден следното лето за не помалку од 40 милиони евра. Corriere della Sera тврди дека Милан е настроен да земе минимум 70 милиони од него.

Но спортскиот директор Масимилијано Мирабели ја демантира таа инфорамција: „Нам не ни е нужно да продаваме никого. Никој не нè фаќа за грло. Џиџо е прекрасно момче. Тој никогаш не зборувал дека сака да си оди. Можно е дека тоа сака да го организира еден џентлмен, но ние секогаш ќе ги штитиме интересите на Милан“.

Мирабели побарал од тифозите да не го навредуваат и напаѓаат Донарума и жестоко го нападна Мино Рајола:

„Ние треба да го заштитиме Џиџо зошто знаеме од каде се доаѓа и скоро сакаме да ја решиме ситуацијата. Никакви средби со Рајола не сум планирал. Договорот важи до 2021 година, немам што да му кажам на Рајола. Џиџо го сака Милан а ние ќе го заштитиме и него и Милан од еден џентлмен кој ни прави неред. Тој џентлмен е повеќе шоумен отколку нешто друго“.

А самиот Џиџо Донарума не го издржа притисокот: прво заплака во соблекувалните а потоа и во второто полувреме на теренот. Него го тешеше Леонардо Бонучи којшто помина ист притисок по трансферот во Јувентус кога му се закануваа со децата.

Се огласи и тренерот Џенаро Гатузо:

„Тој има 18 години и тоа го погоди. Ги уважувам навивачите но Џиџо четири дена ми се лутеше што првпат после седум месеци сум му дал одмор. Тој ни за што не сака да ги пропушти тренинзите. Голем спортсмен е и професионалец и многу го поддржувам. Сега ми е непријатно. Луѓето од детето прават монструм а тој не заслужува. Среќа денес имаше 9.000 луѓе на трибините. Замислете што би било ако го навредуваат 50.000?“, изјави Гатузо по триумфот над Верона од 3:0 во Купот после што Милан ќе игра против Интер во четвртфиналето.