Навивач купи ТВ права за натпревар на репрезентацијата

Македонските фанови се навикнаа на гледање натпревари преку интернет стримови во недостиг на интерес од нашите телевизиски куќи за откупување на преносите, но и во недостиг на богати навивачи кои сами ќе ги откупат ТВ правата, како во случајот со еден Ирец.

Кошаркарската репрезентација на Македонија имаше успешни подготовки пред Европското првенство во Словенија, но за жал нашата јавност немаше шанса да ги проследи овие натпревари преку ТВ екраните. Навивачите следеа некои натпревари преку интернет стримови, а од некои натпревари единствен извор на информација беа livescore сајтовите со статистики.

Нашите телевизиски куќи не беа заинтересирани наместо за турски серии и преноси од настапите на туѓи репрезентации, да одвојат неколку илјади евра за македонскиот национален тим, а за жал не се најде ни некој финансиски помоќен навивач како Ирецот Дејвид Фини за сам да ги откупи ТВ правата.

Фрустрираниот навивач на репрезентацијата на Ирска не можел да поверува дека во Австралија каде што во моментов живее, преку ТВ каналите нема да може да го проследи натпреварот помеѓу неговата репрезентација и Шведска, па решил да ја контактира компанијата која ги поседува ТВ правата.

Вообичаено телевизиските права вредат неколку милиони, но тој успеал да се спогоди за неколку илјади евра и натпреварот преку ТВ канал за трки со коњи ќе се пренесува во пабови и ирски здруженија во Австралија.

29 август 2013 - 11:55