Нацистот од Манчестер Сити кој доби орден од англиската кралица

Кога војникот од Германија Берт Траутман почнал да брани за екипата на Манчестер Сити во 1949 година, 20.000 англичани протестирале против него. Но само еден натпревар го сменил неговиот живот, а потоа бил возвишуван како најголем спортист во британскиот спорт. Почина синоќа на 89 годишна возраст.

Приказната за Берт Траутман е ретка и заслужува роман. Роден е во Бремен во 1923 година и уште како тинејџер почнал да се бори во Втората светска војна. Бил на повеќе фронтови во различни земји, но неговата судбина е Англија каде завршува во логор и каде е еден од ретките кој преживеал.

Талентот за фудбалот е можеби спасот во неговиот живот па откако завршила војната бил ослободен и наместо да се врати во родната Германија одбрал да остане во Англија каде почанл да брани за аматерскиот клуб Сент Хеленс Таун.

„Се чувствувам како Англичанец во срцето. Кога луѓето ме прашуваат за животот им велам дека мојата едукација почна тука. Во Англија научив за хуманоста, толеранцијата и простувањето", вели Траутман во 2010 година.

 

Неговите перформанси како голман во аматерски клуб се покажале како примамливи за раководните луѓе на Манчестер Сити кои и покрај тоа што доаѓал како затвореник од нацистичка Германија одлучиле да го ангажираат на местото на пензионираниот Франк Свифт.

Тоа биле тешки денови за него затоа што околу 20.000 демонстранти протестирале поради овој трансфер во Сити. Неговиот настап на финалниот меч од ФА Купот против Бирминген во 1956 година е клучен за неговиот пресврт кој му обезбедува "нов" живот.

„Граѓаните" триумфирале во финалето со 3:1, а заслугите за пехарот одат најмногу кај Траутман затоа што последните 15 минути од натпреварот ги одиграл со скршен врат без да биде свесен ниту самиот тој.

По жестокиот судир во 75 минута тој се жалел на тешка повреда, но и по прегледот на медицинскиот тим продолжил да брани и со големи болки одбранил неколку клучни удари на противничкиот тим.

Храбриот голман со болни гримаси на лицето го напуштил теренот по последниот свиреж на судијата, а деталните анализи потоа покажале дека пет пршлени му биле изместени, а еден од нив бил скршен на две места. 

„До сега го имам објаснувано тој момент 1636 пати. Каде и да одам ме прашуваат за вратот. Се уште имам болки кога ќе направам некои движења. Имав навистина голема среќа затоа што докторите ми рекоа дека сум можел да умрам или да останам парализиран", раскажувал херојот.

Покрај неговата голема слава која ја заработи јуначки за само 15 минути, Траутман имал многу црни моменти во животот. Само еден месец по финалниот меч бил убиен неговиот 6 годишен син. Иако потоа станал татко на уште две машки деца, неговата сопруга никогаш не го преболила тој момент и починала со скршено срце.

Потоа се оженил уште два пати и авантуристички го поминал животот живеејќи во Бурма, Танзанија, Либерија, Пакистан и Јемен каде ги учел луѓето за тренерскиот занает.

„Голем човек од светот на спортот и вистински џентлмен. Траутман оствари фантастична кариера и засекогаш ќе остане во историските книги", изјави претседателот на Германската фудбалска федерација, Волфсганг Нејрсбах.

За екипата на Манчестер Сити настапуваше од 1949 до 1964 година и ќе остане запаметен како еден од најголемите клупски легенди со над 500 настапи. Берт Траутман оваа година претрпе два инфаркти, но синоќа неговата смрт брзо се рашири во светските медиуми.

Легендарниот голман успеа да го преживее најкрвавиот настан во историјата, да го спаси својот тим од пораз со скршен врат и да живее неполни 9 децении. Наградуван е поради тоа што успеал да ги зближи Германија и Англија, а за херојските 15 минути од неговиот живот во 2004 година доби орден од Англиската Кралица.

20 јули 2013 - 21:58