13 кандидати за влез во осминафинале

На кој за што му треба во ЛШ

Во вторник и среда вечер се игра последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Отворени се седум места за последниот воз во кој веќе влегоа девет екипи.

Мирни и без никаков резултатски притисок во последното коло влегуваат ПСЖ, Бенфика, Реал Мадрид, Јувентус, Баерн Минхен, Зенит, Барселона, Атлетико Мадрид и Манчестер Сити. Овие екипи се пласираа во осминафиналето на ЛШ. Во конкуренција за пласман во истата рунда се Манчестер Јунајтед, Рома, БАТЕ, Гент, Валенсија, ПСВ, Олимпијакос, Арсенал, Челси, Порто и Динамо Киев.
 
Вечерва се играат средби во Лисабон, Париз, Ајндховен, Севиља, Волфсбург, Истанбул, Манчестер, Мадрид. Утре мушамата на ЛШ ќе се вее во Рим, Загреб, Лондон, Киев, Гент, Лондон, Леверкуен, Атина и Валенсија.
 
Група А:

Кралскиот клуб доминира во оваа група. Втори се Парижаните, а Шахтјор и Малме ќе се борат за место во Лигата на Европа. И Швеѓаните и Украинците имаат исто бодови, со тоа што тимот од Донецк има подобра гол разлика, но во последното коло му гостува на ПСЖ, а Малме кај Реал кој во моментов повеќе мисли на првенството.

Парови: ПСЖ - Шахтјар Донетцк, Реал Мадрид - Малме.

Табела:

1. Реал Мадрид 13
2. ПСЖ 10
3. Шахтјор 3
4. Малме 3

Група Б:

Во групава се игра дербито на вечерта меѓу Волфсбург и Манчестер Јунајтед, екипи кои се борат за пласман понатаму. На Германците им е доволен и бод, па дури и пораз ако ПСВ не ја совлада ЦСКА Москва во Ајндховен. ПСВ едноставно мора да победи и да се надева дека Јунајтед ќе загуби, а во случај на пораз на Ван Галовите избраници, Холанѓаните и со бод против ЦСКА ќе одат понатаму. ЦСКА нема шанси за пласман понатаму во ЛШ, но победа вечерва го води во Лига Европа.

Парови: ПСВ - ЦСКА, Волфсбург - Ман. Јунајтед.

Табела:

1. Волфсбург 9
2. Ман. Јунајтед 8
3. ПСВ Ајндховен 7
4. ЦСКА Москва 4

Група Ц:

Бенфика и Атлетико Мадрид се пласираа понатаму, а во меѓусебниот дуел вечерва ќе одлучат за тоа кој ќе биде прв. На Португалците им е доволно и реми затоа што славеа на Калдерон. Од друга страна, Галатасарај не смее да загуби од незгодната Астана ако сака сигурно да оди во Лига Европа.

Парови: Галатасарај - Астана, Бенфика - Атлетико Мадрид.

Табела:

1. Атлетико Мадрид 10
2. Бенфика 10
3. Галатасарај 4
4. Астана 4

Група Д:

Како и во претходната група, Јуве и Сити одат понатаму но и натаму се борат за лидерската позиција. На Торинезите им е доволен и бод во Севиља да останат први, а Сити мора да ја победи Борусија Менхенгладбај и да се надева дека Шпанците ќе го победат Јувентус.

Германците ќе играат во Лига Европа само ако Севиља не победи, а во спротивно ќе мора да триумфираат во Англија поради послабиот меѓусебен учинок со Севиља и истиот број на бодови.

Парови: Севиља - Јувентус, Ман. Сити - Менхенгладбах.

Табела:

1. Јувентус 11
2. Ман. Сити 9
3. Менхенгладбах 5
4. Севиља 3

Група Е:

Барселона рутински обезбеди лидерско место во групата Е. Рома ќе оди во осминафиналето ако го победи БАТЕ Борисов. На Волчицата и е доволен и бод, но во тој случај Баер не смее да ја совлада Барселона. Германците одат понатаму само ако слават над Каталонците, но и БАТЕ да не загуби на Олимпико во Рим. Интересно и Белорусите имаат шанси да одат понатаму со тоа што мора да победат против Рома и да се надеваат дека Барса ќе игра на победа во Леверкузен.

Парови: Леверкузен - Барселона, Рома - БАТЕ.

Табела:

1. Барселона 13 бодови
2. Рома 5
3. Баер Леверкузен 5
4. БАТЕ Борисов 4

Група Ф:

Баерн Минхен е апсолутен лидер. За второто место војна ќе се води во Пиреа, каде Олимпијакос го пречекува Арсенал. На Грците им одговара бод и пораз 0:1 или 1:2. На Топџиите им е потребна победа од два гола разлика или најмалку 2:3. Динамо Загреб нема да ја дочека пролетта во Европа, затоа што ниту триумф над Баерн Минхен не му е доволен за Лига Европа.

Парови: Динамо Загреб - Баерн Минхен, Олимпијакос - Арсенал.

Табела:

1. Баерн Минхен 12
2. Олимпијакос 9
3. Арсенал 6
4. Динамо Загреб 3

Група Г:

На Челси и Мурињо не им оди ниту во Премиер лигата, ниту во ЛШ сезонава. Англичаните одат понатаму ако го победат Порто или со бод од тој дуел на Стемфорд Бриџ, а Челси оди понатаму и ако загуби, но Динамо Киев не го победи Макаби. Порто оди во следната фаза само ако победи или ако Динамо загуби од Израелскиот Макаби. Тимот од Тел Авив нема ниту еден бод, така што ќе игра за честа. Во случај Динамо да слави вечерва, а Челси и Порто да ремизираат ќе се направи триаголник на основа на гол-разликата, така што Динамо Киев и Челси ќе одат понатаму а Порто во Лига Европа.

Парови: Челси - Порто, Динамо Киев - Макаби Тел Авив

Табела:

1. Челси 10
2. Порто 10
3. Динамо Киев 8
4. Макаби Тел Авив 0

Група Х:

Зенит е неприкосновен лидер на групната фаза од ЛШ со сите 5 победи на 5 натпревари. Русите имаат шанси да бидат перфектни во случај вечерва да слават и во Гент. Белгијците понатаму сигурно ги носи победа над Зенит, но смеат да си дозволат и пораз во случај тимот на новиот тренер Гери Невил да не го победи Лион.

Лилјаците пак мора да го победат составот кој се прости од легендарниот стадион Жерлан минатиот викенд и да се надеваат дека Зенит нема да загуби во Белгија. Валенсија ќе игра мотивирана по ремито со Барса минатиот викенд. Лион не може ниту во Лига Шампиони понатаму, ниту во Лига Европа.

Парови: Гент - Зенит, Валенсија - Лион.

Табела:

1. Зенит 15
2. Гент 7
3. Валенсија 6
4. Лион 1

Играј ги на Типстер