Може ли фудбалот да го оздрави француското општество?

Низ историјата, Nike и adidas имаа многу врвни реклами со интересни поенти, но неодамнешниот трик на германскиот гигант во Париз, безусловно заслужува максимално внимание и почит. И кажува многу повеќе од една фудбалска игра.

Кога небото над Франција се затемна пред некоја вечер, а цел град ги преплави Елисејските полиња да ја прослави титулата светски шампион, на Триумфалната порта се појавија два грандиозни портрети: Зинедин Зидан, херојот на финалето од 1998 година, и Пол Погба - човекот кој уште напорно работи да стане главен лик на современата француска репрезентација (ништо чудно да ја изгуби трката со Килиан Мбапе).

Портрети од Зинедин Зидан и Пол Погба на Триумфалната порта во Париз - дело на adidas

И едниот (Зидан), и другиот (Погба), безусловно се клучни играчи на својата генерација. И едниот и другиот совршено се вклопуваат во улогата лидер зошто се харизматични личности.

И едниот и другиот одамна успешно соработуваат со adidas. Но што е најважно, и едниот и другиот се муслимани и синови на имигранти кои во Франција дошле по подобар живот.

***

Родителите на Зидан се скрасиле во Марсеј по ужасите на Алжирската војна и за среќа им тргнало подобро отколку на некои други имигранти.

Родителите на Погба просто стигнале во Париз во потрага за подобар живот. Во 1989 година, кога Зидан бил на проба во клубот Кан, брзо имал проблеми со новата средина. Се степал со противнички играч кој му шепнал нешто за Алжир и за марсејските гета.

Осум години и неколку месеци подоцна голема е веројатноста дека истиот тој противник плачел од среќа кога Зидан го носеше златниот пехар од Светското 1998 на Елисејските полиња.

Историјата на Пол Погба е помалку кинематографична. Неговиот живот во младоста изгледал добро дури и без adidas, Манчестер Јунајтед и Светско првенство.

Сториите за имигранти и нивните деца, внуци и правнуци ја следеле репрезентацијата на Франција цел месец во Русија. Антоан Гризман го прашувале за Уругвај. За корените на Килиан Мбапе се трагало по цела Африка. Поранешниот селектор на Хрватска Игор Штимац изјавил за агенцијата Анадолу дека против Хрватска во финалето се наоѓаат репрезентации на Франција и африканскиот континент, односно база од милијарда луѓе од кои се извадени најдобрите 23-ца на Дидие Дешам.

Дури и поранешниот фудбалер-маскота на Арсенал, Фулам и руска УФА, Емануел Фримпонг не се воздржал и ја нарекол Франција „последната африканска репрезентација која останала на Светското.

Исто се зборувало и во 1998 година кога мултикултуралната и многубојната Франција го прегази Бразил во финалето.

20 години после грандиозниот триумф работите многу се измениле. Во 1998 година Франција го имаше Зидан, човекот кој владееше со таков авторитет меѓу противниците и соиграчите што никој не сомневаше кој е шефот.

Во 2018-та во составот на Les Bleus има толку суперѕвезди, но никој не може да се нарече лидер во права смисла на зборот.

Франција одигра совршено тимско Светско првенство и ако не беше излетот на Мбапе, тешко ќе беше да се каже кој имаше подобро Светско од другиот.

Освен тоа, во 1998 година Французите беа една од највозрасните репрезентации кои некогаш освоиле Светско првенство. А денес, просечна возраст на составот на Дешам е 26 години (втора најмлада селекција на Светското после Нигерија).

****

Во сјајната документарка на Netflix „Les Bleus - Une autre histoire de France“ (Сините - една поинаква историја на Франција) која трае повеќе од еден час, на почетокот има една фраза: „За жал, спортот се развива побрзо од општеството“ која што ја изговорува поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, додека зад неговиот грб се појавуваат кадри од француско-алжирските судири и марш на десничарите во ’2000-те.

„Слоганот: ’Бели, Црни и Арапи’ беше одличен“, вели Оланд во разговор со еден од спикерите во документарката. - Но како и секој слоган, така и овој гледа во иднината а не во сегашноста“.

Еден од најомилените француски репрезентативци - Блез Матуиди

Слоганот Black, Blanc, Beur („Бели, Црни, Арапи) се приврзал за француската репрезентација како што се приближувало Светското 1998.

Но и покрај одличниот состав, Франција влегла на тој Мундијал во не баш добро расположение.

Лидерот на партијата Национален фронт, Жан-Мари Ле Пен отворено се појавувал на телевизиите и ги обвинувал играчите од репрезентацијата за недостиг на патриотизам, непознавање на химната и разни апсурдни работи а што е најлошо - играл на карта на чувстата на јавноста која уште била потресена од терористичкиот напад во Париз.

Во летото и есента 1995 година вооружена исламска група извршила серија напади во париското метро. Главен организатор на тие напади бил 24-годишниот Халед Келкал, Алжирец од Лион кој се преселил во Франција со семејството уште како дете. Тој дури и работел во престижниот Ла Мартиниер - пред да се приклучи на исламистичките групи и да влезе во метрото.

Во земјата одново се зборувало за муслиманите, за имигрантите, за неуспешната интеграција а Ле Пен продолжил да ги напаѓа репрезентативците кои имале алжирско, ганско, едноставно африканско потекло.

****

Уште еден голем скандал се случил на пар недели до почетокот на Светското 1998.

Тогаш, француските чиновници кои работеле на организацијата на Мундијалот, решиле да го отворат Светското со марш на „претставници на четири раси кои го симболизирале населението на планетата Земја“: европјанинот Ромео, индијанскиот Американец Пабло, азијатот Хо и Африканецот Муса, околу кој се вртеле актери облечени во костими на Пигмејците, жители на екваторијална Африка „кои првпат излегле од шумата“.

Не било тешко да се погоди што мислеле за тој перформанс клучните играчи на Франција кои имале африкански корени. „На црните им оставија само тело и физичка сила. Како ние да немаме никакви интелектуални способности“, вриел од бес Лилијан Турам, легендата која што ја одведе Франција во финалето со два прекрасни гола против Хрватска во полуфинале.

После месец дена никој не зборувал ни за Пигмејци, ни за терористички напади ни за полу-умниот Ле Пен - после финалето во Париз на Елисејските полиња имало насмеани, весели, радосни луѓе кои го славеле историското злато на Светско првенство, и никому не му паѓало на памет да го нападне „комшијата белец/црнец/арап/“.

Пола милион Парижани се собрале околу Триумфалната порта, скандирале „Зидан за претседател“. Синот на Ерменка, Јури Џоркаеф стана национален херој. Исто како и родениот Ганец Марсеј Десаи, Сенегалецот Патрик Виера и многу други деца на имигранти.

Дури и Шарл Пасква, поранешен министер за внатрешни работи на Франција побарал амнестија за нелегалните имигранти. Франција празнувала со ноќи и денови и никој не помислувал како брзо ќе избледи ефектот од величествениот фудбалски Мундијал.

„Нашата победа просто ја одвлече земјата од реалните проблеми. Но на крајот, проблемите никаде не исчезнаа“, изјавил Лилијан Турам.

Исправноста во неговите зборови се потврдила во есента 2001 година кога министерот за спорт на Франција Мари-Жорж Буфе решила да ја исполни својата животна желба и во Париз организирала пријателска меѓу Франција и Алжир.

Идејата на Буфе ја поддржале лидерите на репрезентацијата, Зидан и Турам а набрзо и претседателот Жак Ширак. На „Стад де Франс“ веќе местеле контролни пунктови, се организирала полицијата и војската.

За помалку од половина час пред Зидан (алжирски родители) се соочил со еден од најнадреалните моменти во својата кариера а Турам изгубил контрола над себе и нападнал еден од стотината алжирски навивачи кои ја исвиркувале француската химна, упаднале на терен и го прекинале мечот.

Тогаш луѓето во Франција се простиле и со последната илузија за среќна и сплотена земја.

Може ли фудбалот или едно Светско првенство на свое тло да го измени општеството? Тоа е најдобро прашање на кое одговор ќе имаат Русите кои ќе знаат до кога ќе трае ефектот од најдобро организираниот Мундијал во историјата.

Ако го прашате францускиот претседател Макрон кој скокаше од среќа качен на маса во ВИП ложата - тогаш француската победа има смисла.

„Триколорите“ немаа ниту еден скандал, ни злоба, ни инциденти. Синот на физичар и професор по неврологија Макрон го одигра популарниот танц даб со Погба чија мајка е од Гвинеја, а разгалениот Оливие Жиру од богатиот алпски Шамбери просто уживаше на терен со Алжирецот Набил Фекир и неуморниот Килиан Мбапе од црното француско предградие.

Но од друга страна, нередите кои избија за време на големото славје во Париз беа иницијална каписла десничарските идеолози повторно да ја започнат реториката дека за сè се криви имигрантите. Дали ќе преовладее разумот на мултикултуралноста или и натаму француското општество ќе има стари болки?