Косово пред драконска суспензија, Македонија добива нов противник?

Според хрватскиот портал Индекс.хр, УЕФА и ФИФА би можеле да ја суспендираат косовската фудбалска федерација, поради сериозно мешање на политиката во овој сојуз, што експлицитно се санкционира од двете кровни фудбалски организации.

Хрватски Индекс се повикува на приштинските медиуми кои во текот на денешниот ден пренесоа дека на репрезентацијата на Косово ѝ се заканува исфрлање од 1 до 5 години од сите натпреварувања под закрила на УЕФА и ФИФА.

Ова доаѓа поради обидот за смена на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Косово Агим Адеми и вмешувањето на политиката во спортот.

Оваа вест одекна во нашава земја и поради фактот што токму Косово ни е противник во полуфиналето на Лига на нации, па доколку Косоварите бидат суспендирани на неколку години, ние би можеле, во зависност од одлуката на УЕФА и ФИФА, или директно да влеземе во финале каде ќе го чекаме противникот од дуелот Белорусија - Грузија или пак на местото од Косово да се најде селекцијата која имаше послаб пласман од четирите горенаведени репрезентции.

ФИФА и УЕФА во своите статути забрануваат какво било мешање на политика во спорт, а доказ за тоа беше суспензијата која што ја доби Нигерија, односно нивната фудбалска федерација која што во 2014 година беше казнета и не можеше да учествува во меѓународните натпреварувања поради мешање на владата во фудбалската федерација.

Во 2013 слична казна доби и фудбалската федерација на Камерун.