Паднатото авионче

Кој е проблемот на Милан?

Против Рома во составот на Милан имаше дури 9 фудбалери кои дојдоа летово или кои лани не го носеа дресот на Милан. „Зајакот“ веројатно лежи кај Лео Бонучи поради кого Монтела морал да ја испретумба цела формација и на крајот да добие нула.

Давид Амојал, поранешниот главен уредник на ESPN, пред мечот Лацио - Милан напиша: „Милан ја има најдобрата одбрана во Серија А“. Тоа што следуваше на „Олимпико“, иронично ја опишува целата ситуација во Милан. Кога Фасоне, извршниот директор на клубот потроши 200 милиони евра на засилувања, сите зборуваа за скудето. 

Кога ги купи Бонучи и Мусакио се зборуваше за најдобрата одбрана во Италија. А Милан на стартот ги загуби сите три меча кои можеше да ги добие. Два од нив беа загубени по директна вина на одбраната.

Светот користи разни видеа за рејтинг и анализа, го проценува учинокот на секој играч и сето тоа заедно треба да даде резултат. Но фудбалот го игра екипата а не имињата. Имиња кои се криви после четири лесно примени гола.

Некако од позадина стручните коментатори со прст покажуваат во Бонучи. Кога зборуваат за него, не ги оспоруваат неговите одбранбени способности кои го прават еден од најдобрите стопери на светот. Тие зборуваат за тие 200 милиони кои ги потроши Милан.

Со Монтела се повтори истата приказна како со германскиот инжењер којшто за време на една монтажа фрлал непотребни детали. На крајот фрижидерот кој го правел проработил, но еден дел висел како одвишок.

Неговиот трансфер не бил планиран, туку настанал од желбата да биде продаден а не да биде купен. Монтела веќе го доби својот Бонучи - Мусакио; притоа ги заврши преговорите со Биља, и двајцата мајстори на првиот пас, доктори на вертикална игра. Аргентинците му беа потребни на Монтела за полесно да ја врзе одбраната со нападот меѓу редовите.

Лео чија игра е дупликат на Мусакио станува деталот за кој погоре зборувавме. Но управата и Монтела кога им го понудиле Бонучи не размислувале така. Секако дека никој не би го одбил најдобриот одбранбен играч на светот и никој не би го одбил Аеропланино како тренер.

Во стратегијата од лани сега има нов елемент. Играч од типот на Бонучи во екипа како Милан го нарушува балансот во соблекувалната и координатите на командантот Монтела ги префрлува кај себе. Притоа Винченцо трага за оптимално решение за Леонардо на теренот.

Така Милан премина од солидна одбрана со четворица позади на тројца и од Мусакио на Ѕапата. Необично, но се испостави дека Бонучи игра подобро кога десна рака му е Колумбиецот а не Аргентинецот. На почетокот од сезоната Монтела направи грешка - се откажа од својот стил и измеша неколку фудбалски идеи како калчо монтелиано со најсовремените норми на катеначо. На крајот малку како да изгуби глава.

Винцченцо не се враќа на идејата од лани кога резултатите беа најважни а не играта и не започна свој сопствен модел.

Обидот да ги стави на полето сите задолжителни фигури испровоцира математички парадокс. Минус и минус даваат плус а многу идеи доведоа до безидејност. Милан којшто има најмногу интелектуалци во Италија потполно го загуби ликот. Клучен играч стана Франк Кеси. Франк Кеси требаше да биде мускул на новиот Милан но сосема случајно го доби статусот лидер. Тоа покажува колку се далеку „росонерите“ од реализација на тренерските идеи.

Проблемот лежи во тоа што кинеските пари бараат и брзи резултати. Тоа е јасно како ден, затоа што азиското раководство вложило многу и сака да им се врати. Оттука во Италија се шушка за оставка на Монтела иако управата соопшти дека тренерот има целосна поддршка.

Но Винченцо не е проблемот. Тој е решение на проблемот.  Тренери како привремениот Стефано Пиоли се добри само на кратки патеки но недоволни да ја завршат сезоната како што треба. Решението на проблемот е исто како и анегдотата за германскиот инжињер. Дополнителните делови мора да бидат исфрлени. На крајот од краиштата, ако е Бонучи проблемот, Монтела ќе мора да некако да го реши.

Притоа Обамејанг буквално молеше да дојде во Милан, но на крајот дојде Калиниќ. Управата го продаде Нианг а не купи ниту еден крилен играч (Борини не го сметаме затоа што е универзалец). Еден од најдобрите фудбалери на екипата, Сусо кој лани сам го изнесе теретот стана уште една жртва на трансферот на Бонучи затоа што поради Лео се менуваше тактиката, па во новата формација нема место за одличниот Шпанец.

Подготовките Милан ги почна со 4-3-3, а сезоната ја стартуваше во 3-5-2. Зошто?

Турчинот Чаланоглу кој важи за одличен техничар, никогаш  не играл во среден ред со тројца (му требаат крила на кои ќе им дели топки), а летово само му ја дадоа 10-та и тој мораше да игра, иако никако да оправда зошто е доведен. Во самиот шпиц играат двајца играчи со тотално исти карактеристики - Андре Силва и Калиниќ кои се дуплираат. Во нападот покрај еден робусен шпиц секогаш треба да има и еден брз, експлозивен како Јуве со Дибала.

Бонус: Со Рома играа 9 играчи кои дојдоа летово, т.е. фудбалери кои минатата сезона играле за други клубови. Поранешниот директор на Наполи Пјерпаоло Марино изјави: „Мислам дека Милан жали што даде толку пари за Бонучи. Монтела не сакаше да отиде во формација со тројца стопери но по купувањето на Бонучи бил принуден да го менува планот. Мирабели и Фасоне да можат да го вратат времето назад, мислам дека не би потрошиле толку пари на Бонучи туку на топ-напаѓач“, вели Марино.

За 30-годишнот Бонучи Милан летово даде 42 милиони евра.

2 октомври 2017 - 12:14