Кои се клинците на Ајакс на кои им се доаѓа во Скопје

Да, и ние искрено би сакале на „Градски“ во дуел за Супер Купот да пристигне Манчестер Јунајтед, гигант кој којзнае кога би го гледале во живо. Но така не мислат и децата на Ајакс Амстердам кои го преслушаа Лион и се цврсто решени да ја освојат Лига Европа.

На почетокот на сезонава, Ајакс продаде неколку клучни играчи, испадна од Лигата на шампионите после поразот од руски Ростов и едно време беше шести во првенството. Зимата, екипата на Петер Бос се преобрази: во трансфер преодниот рок се ослободи од перспективните, но проблематични Ел-Гази и Базура и ги замени со поамбициозни играчи.

Тоа резултираше со неверојатна серија без пораз во домашното првенство и практично со пласман во финалето на Лига Европа. Просечната возраст на денешниот Ајакс е 22,1 година, а во првиот тим стандардно играат и двајца 17-годишни фудбалери: Клајверт и де Лихт.

Андре Онана - 21 година

Минатото лето Ајакс го продаде репрезентативниот голман Јаспер Цилесен во Барселона. На негово место на голот застана камерунскиот голман Андре Онана кој ја победи конкуренцијата (Тим Крул) и го повтори клупскиот рекорд по број на средби без примен гол.

Онана важи за дете на Барселона, бранел во Ла Масија а во Ајакс стигнал за 150.000 евра.

Дејли Синкгравен - 21 година

На примерот на Дејли Синкгравен може да се види што Холанѓаните подразбираат под тотален фудбал. Пред две години Дејли преминал од Херенвен во Ајакс како перспективен полушпиц за сума од 7 милиони евра.

Набрзо во Амстердам сфатиле дека Дејли е уште подобар на лево крило и тој денес важи за најдоброто крило во холандското првенство.

За жал се повреди на првиот меч против Шалке во Лига Европа и веројатно ќе отсуствува до крајот од сезоната.

Матејс де Лихт - 17 години

За само шест месеци во сениорскиот фудбал, стоперот Де Лихт успеа да даде гол на дебито, да игра стабилно во евро-куповите и да дебитира за сениорската репрезентација на Холандија. А во моментов е трета година средно школо.

Дебито за Холандија му мина ужасно, затоа што после неговите грешки Бугарија славеше со 2:0 во квалификациите. Но, на грешките се учи, а Де Лихт поседува неверојатен потенцијал да прерасне во најдобар европски стопер во иднина.

Давинсон Санчез - 20 години

Летово Колумбиецот имал понуда од Барселона, но го одбрал Ајакс каде стана главен играч во екипата. Игра во средниот ред а одличен е и пред противничкиот и пред својот гол. Веќе дебитираше за Колумбија.

Че Нунели - 18 години

Иако се уште е само резерва и не доби шанса за деби сезонава, Че Нунели на популарната и мошне прецизна видео игра Football Manager има мошне високи оцени. Поседува потенцијал да стане ѕвезда и прашање на време е кога ќе стане стандарден играч во офанзивата на „Копјениците“.

Абделах Нури - 20 години

Уште еден страшен холандски талент кого многу вљубеници во Football Manager го дознаа уште пред две години. Неодамна дебитираше за првиот тим а меѓу навивачите на Ајакс има репутација за најголем талент од академијата заедно со Вацлав Черни.

Како и во случајот со Че Нунели, така и Нури ќе биде носител на играта на славниот тим во иднина.

Вацлав Черни - 19 години

За овој левоног вундеркинд веќе се тепаат европските гиганти. Вацлав Черни според многумина е еден од најталентираните фудбалери кои произлегле од неверојатната школа на Ајакс (најдобра на светот).

Дриблингот на Черни потсетува на Меси и ова дете од чешкиот град Прибрам наскоро би требало да стане лидер на чешката репрезентација која прави смена на генерација.

Хаким Зиеш - 24 години

Најдобриот фудбалер на денешниот Ајакс и автор на 3 асистенции во полуфиналето против Лион.

Хаким Зиеш важеше за наследник на Снајдер во репрезентацијата на Холандија, но од непознати причини поранешниот селектор Дани Блинд не го викал во селекцијата. На крајот, Хаким разочаран реши да игра за Мароко и сега необично има поголеми шанси да се најде на Светското првенство во Русија отколку ако ја одбереше Холандија.

Давид Нерес - 20 години

Минатата зима во Ајакс стигна бразилскиот тинејџер Давид Нерес којшто го замени проблематичниот Ел-Гази кој замина во Лил.

Нерес сезонава речиси да нема натпревар без постигнат гол, а последен кој играл така во Амстердам бил Луис Суарез.

Џастин Клајверт - 17 години

Детето за кое веќе пишувавме во неколку наврати. Изгледа како клон на неговиот легендарен татко, иако фудбалски веќе од сега може да се каже дека е поголем потенцијал.

11 пати се појави во составот сезонава и Ајакс секогаш победуваше со него. Има пеколен дриблинг и брзина на која му завидуваат Робен и Рибери.

Каспер Долберг - 19 години

Од моментот на дебито во август 2016 до денес Каспер Долберг во тимот на Петер Бос одигра 44 меча, постигна 21 гол со 8 асистенции. Благодарение на неговиот гол Ајакс го мина Копенхаген во Лига Европа и стигна во четвртфиналето, а потоа и во полуфиналето.

Долберг во моментов важи за најголемиот талент меѓу напаѓачите во Европа.

Амин Јунес - 23 години

Страшниот техничар Јунес кој напаѓа од левата страна Ајакс го купи од Борусија Менхенгладбах за 2,5 милиони евра.

Неговиот гол синоќа против Лион (4-1) е седми во сезоната, а има 12 асистенции до соиграчите. Јунес има либански корени, веќе играше за младата германска репрезентација, но за деби кај Јоаким Лев ќе треба да смени лига.

Бертран Траоре - 21 година

Стрелец на два гола во мрежата на Лион, Траоре минатото лето беше позајмен во Челси каде првпат стигнал со 14 години. Траоре е шпиц со потекло од Буркина Фасо. Сезонава пропушти три месеци поради повреда, но се врати уште посилен и во април постигна три гола против АЗ Алкмар и НЕЦ Најмеген а во средата го откажа Лион од финале на ЛЕ.

Прославата на убедливот триумф против Лион заедно со навивачите: