Ќе те гони како куче, ќе го мразиш но потоа ќе му благодариш

Нема агент, не користи социјални мрежи. 24 часа е опседнат со фудбалот и е спремен до последен момент да се бори за титулата во Премиер лигата каде заостанува само два бода зад лидерот. Маурицио Почетино.

Три месеци откако дојде во Лондон, Почетино го повикал во својата канцеларија левиот бек на Тотенхем, Дени Роуз. „Дени, морам нешто да ти кажам. Слушај, добивме понуда, ќе треба да те пуштиме во друга екипа. -Не, не можете така шефе, рекол изненадено Роуз кој само неколку недели претходно потпишал нов договор.
Во тој момент во канцеларијата влегол вториот тренер на Тотенхем: „О, вие веќе му кажавте дека ќе треба да нè напушти? - Да Дени, тоа е вистината“, констатирал аргентинскиот тренер.
Така Дени Роуз дознал за повикот во англиската репрезентација.
 
Почетокот на Маурицио Почетино датира уште од 1985. година кога легендарниот Марсело Биелса (прекар Ел Локо/лудакот) му бил помошник тренер на Хорхе Грифа во академијата на Њуелс Олд Бојс.
Потрагата за таленти ги однела тренерите на југот од провинцијата Санта Фе. Биелса и Грифа дошле да ги гледаат локалните деца, но слушнале од тамошниот тренер: „Најдобриот играч не ни е овде. Во школо е. - Дајте ни адреса од школото. Но многу е далеку од овде. - Сеедно, нека е, со кола сме“, одговориле двајцата мудри стручњаци.

Биелса во кариерата веќе извозел околу 8.000 километри на стариот Фиат, видел повеќе од три илјади играчи и нималку тешко не му биле да запали кола на стотина километри од игралиштето. Во куќата на малиот Маурицио Почетино, Биелса и Грифа со претходна најава стигнале во 02 часот после полноќ. Во студената зимска ноќ, Почетино најмалку сакал да пушти непознати дома, но татко му отворил врата и ги пуштил Биелса и Грифа во домот. По неколку разговори, Биелса барал да го види малиот кој веќе спиел.
 
После неколку месеци, Почетино на 13 години го напуштил својот дом и се преселил во Росарио. Во интернатот за фудбалерите на Њуелс Олд Бојс Маурицио пател од несоница, не му било студено но имал носталгија за родителите.
 

На 17 години дебитирал за првиот тим на Њуелс Олд Бојс, а на 19 станал шампион на Аргентина. Најголемиот успех го остварил на 20 години кога стигнал до финалето на Копа Либертадорес. Во полуфиналето играле против колумбискиот состав Америка де Кали. Аргентинците ги очекувал пеколен пречек во Колумбија, играчот од средниот ред Едуардо Берицо (сега тренер на Селта) бил погоден со батерија и му ја дупнале главата а капитенот Херардо Тата Мартино (сега селектор на Барса) исто бил погоден со тврд предмет. Почетино кој играл стопер го постигнал единствениот гол во првото полувреме, но и покрај тоа Биелса му викал на паузата. „Ти стоеше на погрешно место. - Но дадов гол. Не стоиш таму каде што треба!", урлал Биелса а Почетино не се расправал.

Во финалето играле против Сао Пауло за кого настапувале Кафу и Раи, идни светски прваци со Бразил. Биелса по ова финале се преселил во Гвадалахара, а Почетино во Еспањол каде стана капитен и го крена пехарот во Копа дел Реј во 2000-та година (Раниери го викал Почетино во Атлетико Мадрид, тој прифатил, но клубот не го одобрил трансферот и после шест месеци испаднал од Примера).

Судбината го однесе Почетино во Пари Сент Жермен каде напредуваше до чинот капитен иако соиграчи му беа Роналдињо, Менди, Анелка и Џеј-Џеј Окоча.

Семејството Почетино немало телевизор. Кога Аргентина стана светски шампион во 1978. година, целото семејство се собрало да гледа во месната заедница. Подоцна татко му на Маурицио донел црно-бел телевизор.

Никој не претпоставувал дека на 30 години Маурицио Почетино ќе игра на СП во Јапонија во 2002 година. Биелса го играше во одбраната заедно со Валтер Самуел и Диего Пласенте. На легендарниот меч против Англија, Почетино постави нога пред Овен направи пенал. Бекам го изведе и Аргентина испадна од Мундијалот.

Почетино се врати од Франција во Еспањол, повторно го освои Кралскиот Куп. Во 2008. година дипломирал на курсот за тренери и почнал да го тренира женскиот тим на Еспањол. Иако за следната година го планирале за тренер на младинците, првиот тим на Еспањол падна на 17. место и го отпушти тренерот.

Буџетот на клубот бил намален за следните две години, така што сегашниот претседател Даниел Санчез Либре го предложил Почетино за нов тренер. Аргентинецот бил спремен за таков предизвик.

На тренинзите Почетино веднаш внесол новост, инсталирани се камери а учинокот на играчите е мерен преку GPS апарати кои ги следеле сите нивни движења. После неколку недели, Еспањол за првпат после 27 години ја победи Барселона на Камп Ноу (од 9 мечеви против Барса на Гвардиола, Почетино загубил само 4). До крајот од сезоната, сино-белите победиле осум меча од 10 и завршиле како 10-ти на табелата.

Аргентинецот вовел челична дисциплина и најавил дека нема да прави исклучоци за старите пријатели. „Како играч барав многу, таков ќе бидам и како тренер". Наскоро ја повлекувал од тимот локалната легенда Раул Тамудо иако беше кум на неговото дете. Им наредил на сите младински тренери да ја играат истата шема како првиот тим. Постепено ги дистанцирал сите ветерани и на нивно место довел свежа крв (Фелипе Кутињо, Хосе Каљехон, Дани Освалдо, Виктор Руиз, Хорди Амат, Алваро Васкез, Дидак Виља).

„Ќе ве тера на тренинзите да трчате како куче, ќе го мразите, но подоцна ќе му бидете благодарни за тоа", изјави еднаш аргентинскиот напаѓач од Јувентус и Интер, Дани Освалдо.

Во 2011. година Почетино го крена Еспањол на осмото место, следната година го одби Наполи а во 2012. година го сменија после слабиот старт во Ла Лига.

После шест месеци Маурицио Почетино стана втор аргентински тренер во историјата на Премиер лигата после Ослвадо Ардиљес. Го презеде Саутемптон.

Во Саутемптон, Почетино дојде на местото на Најџел Аткинс човекот кој ја внесе екипата од трета лига до Премиер и имаше најдобар процент на победи во историјата на клубот. Почетино веќе во првата сезона ги победи Ливерпул и Челси.

Неговата жена и деца останале во Барселона, а Почетино од седум наутро до осум навечер работел во Саутемптон. На почеток немал доволно време да го учи англискиот јазик, па работел со преведувач, но шест месеци подоцна беше во состојба да дава интервјуа со локалните новинари и го пресели семејството во Англија.

Тренинзите ги базирал три пати дневно. Од 10 до 12, од 16 до 14 часот и од 18 до 20 часот. Во рамките на подготовките играчите ги принудувал и боси да газат по жар.

„За да играте кај него потребни ви се две срца", изјави еднаш полушпицот на Саутемптон Џек Корк.

Во ноември истата година Саутемптон беше трет на табелата, а Почетино ја доби наградата за најдобар тренер на месецот. За две години промовираше играчи како Клајн, Шоу, Чемберс, Родригез и Шнајдерлин.

Претседателот на Саутемптон Никола Кортезе решил да го напушти клубот, а Почетино не сакал да работи без него и прифатил да оди на состанок со првиот човек на Тотенхем, Даниел Леви. За кратко време стана тренер на Спарси а наскоро стигнаа и пофалбите. Хари Кејн изјави дека благодарение на Аргентинецот го игра најдобриот фудбал во животот, а младиот Деле Али две години по ред е избран за најдобар млад играч во Англија.

„Деле Али е незгоден карактер, но јас сакам такви играчи. Јас бев агресивен. Во младоста имав по 13 жолти и црвени картони во сезона. Подобро играв со жолт картон отколку без него", изјави Почетино за Скај Спортс во една прилика.

Како во Еспањол, така и на Вајт Харт Лејн Почетино се одлучи да направи чистка. Им се заблагодари на Јунес Кабул, Влад Чиричес, Адебајор, Ленон, Солдадо и Паулињо и внесе млади талентирани играчи. Не барал нови трансфери, туку ги развивал присутните играчи (Мејсон, Бенталеб, Керол, Кејн, Даер и Дели Али).

Прво правило кај Почетино е: „Кога доаѓате во клубот, доаѓате да вежбате и тренирате а не да играте". Во отприлика исто време Арон Ленон мораше да си оди во Евертон каде на промоцијата имаше кисел израз на лицето. „Фудбалот не е само да ја земете топката и да трчате. Фудбалот е професионална одговорност", зборуваше Почетино.

Во меѓувреме Ендрос Таунсенд лут што седи на клупата го турнал фитнес тренерот Натан Гардинер, го отстранија од екипата и го продадоа во Њукасл.

Почетино нема агент, нема медиски помошници и нема профил на друштвените мрежи. Во интервју за БиБиСи изјави дека неговиот идеален одмор е 24 часа да гледа видеоанализи на натпреварите.

„Не се сметам себеси за производ кој мора да се продаде. Не ми треба 500.000 следбеници за да се чувствувам добро", вели Почетино за Ел Графико. По триумфот на Тотенхем над Челси од 5:3, директорот за комуникации на Тотнем му дал 100 барања за интервјуа на Аргентинецот.

Пред неколку години, аргентинскиот новинар Диего Борински го прашал Почетино дали се согласува со Диего Симеоне дека вториов му ја отворил вратата во Европа.

„Дозволете ми да ве потсетам дека станав тренер во Европа пред Симеоне. Освен тоа му помогнав да стане тренер на Атлетико Мадрид, затоа што после победата со Еспањол од 4:2 против нив, Манцано беше отпуштен", се насмеал Почетино.

Аргентинецот е спремен да се пошегува, но оваа пролет сериозно се бори за титулата во Англија.