Првиот меч на Сари против Јуве со Буфон и Дел Пјеро

Сезоната 2006/2007 во втората италијанска лига, Арецо ја почнал со нов тренер и со минус шест бода поради казната од скандалот калчополи, а најголемото изненадување го направиле на најтешкото гостување.

Џанлука Петраки (летово 2019 стана спортски директор на Рома) ја советувал управата на Арецо да обрне внимание на неговиот поранешен соиграч од Лече кој неуморно чита скрипти за тренери - Антонио Конте.

Конте ја заврши играчката кариера во 2004-та и Арецо беше негова прва тренерска работа.

„Наша цел тогаш беше преживување. Задачата беше тешка ако се знае дека во иста лига со нас играа Јувентус, Наполи и Џенова, а ние стартувавме со минус“, се сеќава Конте којшто не останал долго тренер на Арецо.

Екипата после девет кола собрала само 5 бода од можни 27 и Конте бил отпуштен. Тимот го презел новиот тренер Маурицио Сари кој сезона претходно во 2005/2006 ја спасил Пескара од испаѓање.

Ни Сари не почнал добро. Имал четири порази по ред со гол разлика 0:6. Потоа екипата ја победила Пескара 4:1, изгубила во Верона 1:0 и во средината на декември отишла на гостување во Торино кај лидерот Јувентус кој имаше 35 бода повеќе.

Јувентус беше без пораз и само четири пати не успеа да ги освои сите три бода. На свој терен имале седум победи по ред со гол разлика 16:2. И покрај тоа што гигантот испадна во Серија Б, во клубот останаа Дел Пјеро, Трезеге, Недвед, Буфон.

На крајот од декември овие тројца имаа 16 гола од вкупно 28 колку што даде Јувентус (Алекс и Трезеге по шест, Недвед четири гола). Џиџи Буфон прими 7 гола на 17 меча.

„Се спремавме исто како и за секој друг меч. Секако беше многу необично да се збори со дечките за Трезеге, Дел Пјеро и другите ѕвезди на Јуве. Ништо посебно на тактички план не правевме, но сфатив дека за дечките ова е посебен меч зошто претходно ги виделе фудбалерите на Јувентус само на телевизија, а сега ги чекаше дуел со нив на теренот“, се сеќава Сари, новиот тренер на „Старата дама“ од пред неколку дена.

„Се испостави дека камерата лаже. Ние не можевме да претпоставиме колку фудбалерите на Јувентус се физички моќни. Памтам, стоиме во тунелот пред излез на терен и изгледаме како младинци“, се сеќава Маурицио и додава:

„Знаете, кога играш против таква екипа, тешко е да се помисли дека може да ја направите послаба. Ние се трудевме да изгледаме компактно, да не им даваме простор. Главна задача беше да не им се дозволи да примаат топки“.

 

Првиот дел завршил 0:0. Дел Пјеро имал многу шанси а младиот Паладино не реализираше „еден на еден“ со голманот. Затоа Давид Трезеге го отворил резултатот во 58’ минута.

„Трезеге покажа зошто е сјаен фдудбалер. Го немаше цел час и даде гол од првиот свој момент“, вели Сари. После седум минути Паладино зголемил на 2:0.

Интересно, во последните 15 минути Трезеге за малку не зголемил на 3:1, а на спротивната страна Жан-Алан Бумсонг направил пенал во шеснаесетникот на Јувентус а фудбалерот кој влегол од клупата, Даниеле Мартинели дал гол од пенал за 2:1.

„Тоа не беше плод на некаква посебна тактика. Тоа беше покажување карактер, психолошка реакција. Јувентус поведе со 2:0 и се опушти. Чувствував дека можеме да им се носиме“, рекол Сари.

Во 83’ минута Мартинели му избегал на францускиот тромав стопер Бумсонг и израмнил на 2:2, сензационален резултат. Јувентус првпат изгуби бодови дома (таа сезона тоа се случило само три пати: две нерешени и еден пораз), а Буфон првпат примил повеќе од еден гол во Торино во Серија Б.

„После судиската свирка уште не сфативме што се случи. Дури во соблекувална почнаа да скокаат, да играат кога сфатија дека тоа е историски резултат“.

Јувентус на крајот го освои првенството Серија Б и експресно се врати во Серија А. Маурицио Сари бил отпуштен во месец март (Арецо во четири месеци изгубил четири пати и не избегал од зоната за испаѓање), а повратникот Антонио Конте го спасувал клубот од Серија Ц. Даниеле Мартинели, авторот на двата гола против Јувентус, така никогаш не заиграл во елитната Серија А.

17 јуни 2019 - 11:12