Зошто УЕФА направи каша попара со ждрепката за Европско 2020

Како никогаш досега, со новите претумбувања на системот на квалификации и главната ждрепка, европската фудбалска унија го збуни обичниот љубител на фудбалот кој сериозно треба да се помачи, за да сфати кој што како и зошто.

После разните недоумици во текот на Лига на нации, пројде и ждрепката за групите на Европското кое следното лето ќе се игра во 12 градови, прв вака организиран турнир. УЕФА планира системот на квалификации да биде ист и за Европското 2024 кое ќе се одржи во Германија.

Во желбата да го ишара Европското со разни селекции, УЕФА направи и неколку нејасни потези.

Пример, од 6 носители (најсилни репрезентации во Европа), дури 3 се паднаа во иста група (Ф). Португалија како бранител на титулата европски шампион од 2016, Франција како актуелен светски шампион, Германија и уште една репрезентација која ќе се дознае после баражите во март.

Фактот дека победникот на групата во која се Англија, Хрватска и Чешка, ќе треба во Даблин да игра против второпласираната селекција од групата Ф (Португалија, Франција, Германија), можеби однапред ќе произведе калкулации како да се избегне противник во нокаут фазата.

За разлика од претходно, сега УЕФА освен што овозможи пола Европа да игра меѓу себе, не ги раздели и репрезентациите кои претходно играле во квалификациите (пример Чешка и Англија, Шпанија и Шведска, Полска итн).

Навивачите на репрезентациите кои ќе играат бараж во март, ќе имаат многу малку време логистички да се организираат околу Европското доколку нивната земја обезбеди пласман (далеку помалку време од сите други пласирани, притоа ќе се подигнат цените на авионски карти, хотели, апартмани, многу од градовите се прескапи за условите во кои живеат некои навивачи)

Тука се и големите трошоци, како на пример оние кои ќе ги имаат навивачите на Велс кој ќе треба да патуваат до Баку во Азербејџан, од еден до друг крај од континентот за да таму одиграат 2 натпревари. При ждрепката претходно за квалификациските групи, УЕФА размислувала да ги раздели на пример Исланд, Португалија и Гибралтар од Азербејџан, затоа што гостувањето во Баку е премногу далеку, но луѓето од оваа земја инсистирале дека тоа не би било добро за развојот на фудбалот (финалето на Лига Европа, впрочем, се одигра во Баку 2019 и УЕФА беше жестоко критикувана поради ова затоа што е обемна и тешка организацијата на пат до Азербејџан).

Поборниците на Европско со 16 репрезентации, како што беше досега ги вадат овие аргументи од ракав, но од друга страна постојат репрезентации кои цел живот сонуваат пласман на едно Европско првенство.

Првите не се сложуваат со вторите и тврдат дека постојат послабо рангирани репрезентации кои и во претходниот систем се квалификуваа и одиграа позитивно на Европско (Словенија во 2000-та, Латвија во 2004-та, Ирска во 2012-та итн).

2 декември 2019 - 16:26