Јувентус треба да држи лекции за трансфер политика

Да купиш стандарден првотимец од Арсенал на 28 години, најзрели за фудбалер, треба стварно да си доктор за трансфери. Па што има тука посебно? Епа гратис го земаа, а да е само тој.

Во сред февруари, месец кога не се зборува за трансфери, Јувентус држи лекции за правење трансфери, а истовремено и по економија. Зошто? Бидејќи добива играчи, односно играчишта, а не дава пари. Просто е.

Пред два дена соопштија дека и официјално го договориле Арон Рамзи од Арсенал кој ќе го облече дресот на Јуве на 1 јули 2019-та година.

Се работи за фудбалер кој 11 години го носи дресот на Арсенал и кој се очекува да внесе доста свежина во средниот ред. Може да го користат како крило и по лева и по десна страна и само треба да се молат да не умре некоја ВИП фацка еден ден откако ќе даде гол.

Јувентус го носи Рамзи гратис, а тој потпишал 4 годишен договор за луда плата од 400.000 фунти неделно или 19,2 милиони годишно, со што станува втор најплатен фудбалер во Серија А.

Но Јуве е богат клуб со јаки спонзори, па нема да го мислиме од кај ќе најде пари за да го плаќа и него и најплатениот Роналдо. Друг е муабетот. Погледнете ја оваа страшна листа на засилувања за кои не дале ни евро.

2009: Фабио Канаваро
2011: Андреа Пирло
2012: Пол Погба
2013: Фернандо Љоренте
2014: Кингсли Коман
2015: Сами Кедира
2016: Дани Алвеш
2018: Емре Чан
2019: Арон Рамзи

Само институција како Јувентус може да донесе ваква плејада на играчи без да ги плати. Едно залутано име нема на списоков.

13 февруари 2019 - 14:40