Германците овој пат во Русија дојдоа со подароци

На вториот ден по слетувањето во земјата домаќин на Мундијалот, Deutsche mannschaft го одржа првиот тренинг во базата Ватуники близу Москва и ги израдува присутните деца.

Пред почетокот на првиот тренинг Германците на локалните деца им подариле 1.000 фудбалски топки.

„Германскиот фудбалски сојуз и неговите социјалните фондови го поддржаа Светското во рамките на социјално-политичка програма. Ние сакаме што е можно повеќе да се среќаваме со Русите надвор од теренот, што би рекле, по судиската свирка“, објаснил претседателот на германскиот фудбалски сојуз Рајнхард Гриндел.

Топките кои Германците ги донеле биле разделени на шест организации: локалните школи, во детскиот интернат за инвалиди во Ватуники, во детската фудбалска лига, во аматерската фудбалска лига, во спортското училиште ЦСКА и во Германската школа при амбасадата на Германија во Москва која четири години по ред добива спонзорство од репрезентацијата од 80.000 евра.

Тренингот на Германија собрал многу луѓе а Мануел Нојер им направил најмногу ќејф на децата со кои се фотографирал и муабетел.

„Нам ни беше важно на децата од Ватуники да им донесеме радост уште од почетокот на нашиот престој. Минатата година имавме многу дружби со руските деца“, изјавил менаџерот на репрезентацијата на Германија Оливер Бироф.

Германците го стартуваат Светското против Мексико на 17 јуни.