Кралот на финалињата е Зи Зу

Како и да ја вртиш, тоа е факт од кој нема бегање. Зинедин Зидан е специјалист за финалиња. Сите што ги одигра со Реал Мадрид ги победи, без ниту еден кикс, а во меѓувреме си даде и отказ па го вратија.

Францускиот стратег има 10 трофеи со Реал Мадрид, а 9 од нив ги доби преку финале после освојувањето на титулата во Ла Лига во сезоната 2016/2017.

Серијата на добиени финални натпревари ја почна со Лига на шампиони кога во 2016-та на Сан Сиро го доби Атлетико Мадрид на пенали.

По неколку месеци следуваше Супер Купот на Шпанија против Севиља на кој Реал триумфираше со 3:2.

Годината ја заврши со освојувањето на Светското клупско првенство во продолженија со 4:2. Противник им беше Кашима од Јапонија која ја реши Роналдо со хет-трик од кои два комада во 98-ма и 104-та.

Неприкосновен беше и следната година во која ја одбрани титулата во ЛШ во финале против Јуве во Кардиф кое заврши 4:1.

Следната жртва се викаше Манчестер Јунајтед, а натпреварот се играше во Скопје во рамките на УЕФА Супер Купот.

Во шпанскиот Супер Куп пак ја совладаа Барселона во две рунди. Машинеријата на Зидан и во 2017-та беше светски шампиони, овој пат против Гремио во Абу Даби.

Третата титула во ЛШ по ред ја освоија во Киев против Ливерпул, а неколку дена подоцна Зидан реши да се повлече.

Лани во март направи кам бек на Бернабеу, а синоќешното финале во Супер Купот на Шпанија му беше прво откако се врати. Го доби на пенали против градскиот ривал. 

„Не знам зошто ги добивме сите 9. Веројатно затоа што таков е клубот. Не беше лесно, но имавме трпение и смиреност“, изјави Зидан

13 јануари 2020 - 09:24