Еден од стадионите за Светско е недовршен поради силна зима

Светското првенство во Русија почнува на 14. јуни а еден од новите стадионите уште не е готов поради што ФИФА праќа мониторинг служби а Путин ги опоменува локалните градоначалници.

На 80-ина дена до почетокот на Мундијалот, стадионот кој има капацитет од 45.000 седишта и кој се градеше за потребите на Светското треба да ги пречека селекциите на Србија и Костарика кои се во групата Е.

Градежните работи на „Самара Арена“, еден од 12-те стадиони на кои ќе се игра Светското во Русија се соочуваат со многу пречки. Цела зима температурата не отишла над -15 степени Целзиусови па условите за работа биле неподносливи.

„Во однос на овој проект, зборувавме со организаторите за одложените работи во Самара. Овие одлагања траат сè подолго. Иако голем дел од работата е среден, има уште многу да се заврши“, изјави шефот за натпреварување при ФИФА, Колин Смит.

Министерот за спорт на Русија, Павел Колобков изјави минатата година дека работите ќе бидат навреме готови, иако крајниот рок за финиш е крајот на април.

Студот во градот Самара не попушта, снег има многу, па така организаторите мака мачат со завршување на започнатото. За стадионот во Самара зборувал дури и Владимир Путин кој му порачал на гувернерот на областа навреме и во рок да ги завршат започнатите работи.

Покрај овој стадион, Светското ќе се игра во 11 други градови меѓу кои Москва, Санкт Петерсбург, Калининград, Казан, Сочи и други.