Две измени во Јапонија, во игра двајца браќа Македонци

Ако треба да се одбере многу ретко видена сцена или можеби невидена до сега во фудбалот тоа е оваа. Јапонски фудбалски натпревар на кој во исто време и двете екипи прават измена и ставаат во игра двајца браќа и тоа од Македонија.

Давид од лани игра за Омија Ардија, а Доријан е од 2017-та член на Мачида. Овие две екипи од јапонската втора лига викендов имаа дуел кој го доби Давид со 1:0.

На десетина минути пред крајот се случи нешто што постариот брат на Твитер го нарече чудо. Влегоа во исто време, каква коинциденција и слика која не сме ја виделе до сега.

Имало дуели на двајца браќа, ама не се сеќаваме во исто време да биле ставени во игра. Средбата меѓу браќата Боатенг на пример е исто така реткост сама по себе. Германија и Гана се сретнаа на Светското првенство 2010-та. Жером настапи за Германија, а Кевин Принц за Гана.

Штета што овие две наши деца, кои веќе не се деца, од калење во светски гиганти чекаат да влезат во игра во втората јапонска лига. Давид Бабунски (25) беше дел од школата на Барселона (2006–2013) и стигна до Б тимот, а Доријан (22) тренираше во Реал Мадрид (2011–2015).

23 април 2019 - 10:23