Денот кога Симан месечареше, а Шаќири го замолчуваше Саутемптон

На денешен ден пред точно 16 години се случи едно од најголемите фудбалски изненадувања кои Македонија ги има направено во својата историја. Тие ти вадат среден ред со Бекам, Сколс и Џерард, а ти ги утепуваш со гол од корнер.

Ако не сте слушнале како легендарниот Зоран Михајлов останува без глас за двата гола на Македонија против Англија, тогаш го имате испуштено најјакото видео парче од македонскиот репрезентативен фудбал.

На 16 октомври 2002-ра составот на Никола Илиевски Џиџи на стадионот Сент Мери во Саутемптон, му извади херојско реми на гигантот Англија во квалификациите за ЕП 2004. Натпреварот заврши 2:2, нашите два пати поведоа и сите четири гола паднаа во првите 35 минута.

Мечот ќе остане запаметен по чудесниот гол на Артим Шаќири од корнер уште во 11 минута. По 3 минути Англичаните возвратија преку Бекам, во 23 минута нов шок им приреди Ванчо Трајанов, а конечниот резултат го постави Стивен Џерард.

Актуелен репрезентативец од таа средба е само Горан Пандев кој тогаш влезе од клупа.

Англија: Симан, Г.Невил, Кембел, Вудгејт, Е.Кол, Бекам, Џерард (Бат), Сколс, Бриџ (Васал), Овен и Смит.

Македонија: Милошевски, Попов, Петров, Седлоски, Васоски, Шумуликоски, Трајанов (Стојановски), А.Митревски, Толевски (Пандев), Шакири и Гроздановски.

Во македонските кафулиња летаа столчиња од радост, а славјето продолжи на плоштад.

Одиме со двата гола на Македонија и Зоран Михајлов