Новиот Балотели од Верчели

Чудото од Јувентус има 16 години и го планираат за прв тим

„Старата дама“ со сите сили се обидува да ги сопре напорите на Манчестер Сити и Арсенал да го купат 16-годишниот Моизе Кин, фудбалер кој се изнадава голови во младинските категории и наскоро би можел да стигне во првиот тим.

Кога лани го прашале Моизе Кин колку гола ќе даде за тимот на Јувентус до 17 години, тој за Gazzetta dello Sport одговорил: „Не ги бројам головите“. Но Јувентус ги брои иако неговите бројки се тешки за броење.

Моизе Кин дал 21 гол на 10 меча за Giovanissimi (играчи родени 1998 и помали) пред да постигне 14 на 15 настапи за „петлињата“.

Напаѓачот кој по начинот на игра многу потсеќа на Марио Балотели е роден во Верчели (Италија), а неговите родители се од Брегот на Слоновата Коска. На 24. февруари годинава Моизе наполнил 16 години така што цела сезона игра со две години постари играчи од него.

„За мене многу е нормално да играм со постари играчи. Не ми е тешко“, изјавил Кин.

Сезонава Моизе дал пет гола на пет меча за младинците на Јувентус (Primavera), категорија на едно скалило од првиот тим. Како резултат на тоа во Торино веќе се зборува дека Масимилијано Алегри би можел да го викне во првата екипа како замена за повредениот Марко Пјаца.

Ваквиот развој на настаните и брзиот прогрес на малиот Моизе го натерале Јувентус да ги забрза преговорите со неговиот менаџер за професионален договор. Не треба да додаваме дека менаџер му е никој друг до Мино Рајола.

Рајола прифатил да потпишат нов договор но поставил услов „Бјанконерите“ да дозволат евентуална позајмица на Кин во странство во блиска иднина, по можност во Белгија и Холандија.

Кога новинарите на Corriere dello Sport го прашале Рајола кој би можел да биде најголемо изненадување на трансфер пазарот во 2017-та, тој одговорил како од топ: „Кин. И не затоа што јас сум му менаџер. Има само 16 години, но ако продолжи вака може да стане играч број еден. Може да стане една од најголемите ѕвезди на Јуве. Неговиот талент, физичка сила и борбеност значат дека има блескава иднина“, рекол Мино.

Од причина што Рајола му е агент, младиот Италијанец со африканско потекло е поврзуван со Балотели. „И покрај сите глупости што ги прави, многу го сакам Бало како играч“, изјави тинејџерот Кин за Gazzetta. На почетокот во пионерите играл 9-ка, но набрзо тренерот на младинците Фабио Гросо го прекомандувал на лево крило каде Кин играл еднакво добро.

Во средата постигна гол за Италија У-17 години на мечот против Шпанија (1-1) и брзо ги заинтересирал големите тимови од континентот.

Моизе Кин се смета за нов изданок на школата на Јуве од која последен голем играч излезе Клаудио Маркизио. Што се однесува до репрезентацијата за која би играл, Кин вели: „Потеклото ми е од Брегот на Слоновата Коска и не го заборавам тоа, но роден сум во Верчели, израснат во Италија, моите живеат во Асти и би сакал да го носам дресот на оваа земја“.

Секако, рано е да размислува за сениорско ниво во репрезентација, но Алегри веќе размислува за настап на Моизе на клупско ниво.