Чудната сторија за фрлена лименка Кока Кола и дебаклот на Интер во Лига на шампиони

Во текот на целата фудбалска историја Италијанците ги бие глас дека се „намазани“, опасни глумци, а кулминација на оваа теза се случила на 20 октомври 1971 година во германскиот град Менхегладбах каде Интер бил потопен со 7:1 од Борусија.

Partita Della Lattina е навидум убав италијански израз кој делува како назив за фестивал, за вино или за средновековен замок. На германски овој израз е познат како Büchsenwurfspiel.

Буквалниот превод е „Мечот на лименката“ и се појавува после најскандалозниот меч во историјата на Купот на европски шампиони (денес ЛШ) меѓу тогашниот шампион на Италија Интер и првакот на Германија Борусија Менхенгладбах.

Натпреварот се играл на 20 октомври 1971 во Германија и славеле Германците со страшни 7-1.

****

Во тие години Купот на европски шампиони се играл без групна фаза: екипите играле нокаут натпревари кои почнувале од 1/16 финале.

Интер го започнал патот со вкупен резултат 6:4 од двомечот со грчки АЕК. Во втората рунда им паднала Борусија Менхенгладбах која тогаш две години по ред ја освојувала Бундеслигата (првпат една германска екипа да освои две титули по ред).

За Борусија играле малку познати фудбалери а најголеми ѕвезди на тимот биле напаѓачот Јуп Хајнкес (оној кој како тренер на Баерн му донесе 4 титули, троја круна со трофеј од Лига на шампиони), и фудбалерот од среден ред Гинтер Нетцер (неверојатен играч кој стана најдобар млад фудбалер на Европа во 1972 и подоцна три години играше за Реал Мадрид).

****

На 20 октомври 1971 Интер дошол во Менхенгладбах пред мечот. Биле многу самоуверени дека ќе го прегазат анонимниот противник на преполниот „Бекелберг Штадион“ каде 27.000 луѓе стоеле на силен дожд и мрзнеле.

Германскиот фудбал тогаш бил далеку од најдобар во Европа и Интер бил сигурен дека ќе оди во четвртфинале. Но планот им се срушил во 7’ минута кога Италијанците го примиле првиот гол (стрелец Јуп Хајнкес). Набрзо шпицот Бонисења израмнил во 19’ минута но две минути подоцна Ле Февре зголемил на 2-1 за Борусија.

Во 29’ минута се случил неверојатен момент: Додека трчал покрај аут линијата, Бонисења бил погоден со лименка Кока-Кола и паднал на земја како да го удрил камен.

Фудбалерите на Интер заедно со тренерот Џовани Инверници го опколиле холандскиот судија Џеф Дормпанс и барале да го прекине натпреварот. Германците исто се собрале и не сакале прекин.

Во целиот хаос, легендарниот Сандро Мацола здогледал на трибината двајца италијански навивачи од кои едниот пиел лименка Кока-Кола, му ја земал и ја однел кај судијата со цел „да докаже“ со што бил погоден Бонисења.

Интересен момент е што лименката со која стварно бил удрен центарфорот била полна и во меѓувреме тргната од присутните Германци, а онаа што тој ја зел била полупразна и лесна па Бонисења немал право да се жали дека доживеал страшна повреда.

Прекинот траел цели 7 минути, Бонисења бил изнесен на носилки а холандскиот судија Џеф Дорпманс ги убедувал агресивните фудбалери на Интер да го продолжат мечот.

Судијата можел да ги изнесе екипите од терен, но решил мечот да продолжи затоа што тогаш такви биле нормите. На пример на меч од Интерконтиненталниот Куп во 1967 голман на Селтик бил погоден со камен во глава па мечот продолжил.

Во интервју за весникт Spiegel, после 40 години судијата ја објаснил својата одлука:

„Сигурно нема да никогаш да го заборавам тој натпревар. Главниот комесар на полицијата во Менхенгладбах бараше од мене да не го прекинувам мечот затоа што на стадионот имаше околу 7.000 италијански навивачи кои можеа да испровоцираат сериозни инциденти со домашните навивачи. Ден-денес сум убеден дека Бонисења глумеше како одличен глумец. Лименката беше отворена, не беше полна и прелетала 20-30 метри така што ударот не можеше да биде толку силен. Секако, навивачот направи страшен прекршок но и реакцијата на фудбалерот требаше да биде поинаква“.

 

Полицијата брзо го препознала и уапсила навивачот кој ја фрлил лименката

Интер тврдел дека лименката била полна иако кадрите од видеото покажуваат дека не била.

Натпреварот продолжил и Борусија Менхенгладбах постигнала уште неверојатни 5 гола! Интер бил демолиран. Резултатот од 7-1 ја шокирал цела Европа затоа што Интер бил главен претендент за пласман во финалето на Купот на европски шампиони.

Но веќе следниот ден УЕФА го разгледувала инцидентот со лименката. Стоперот на Интер Габриеле Ориали тврдел дека мечот веќе не бил ист откако Бонисења бил изнесен на носилки и дека не можеле ментално да бидат присутни на теренот.

Потпретседателот на „нераѕурите“, Пепино Приско, кој бил професионален адвокат, собрал неколку докази и барал од УЕФА мечот да се преигра. За навивачот кој ја фрлил лименката немало никакви информации освен дека бил Холанѓанец со германско потекло, го бодрел Менхенгладбах и веќе никогаш не се појавил на фудбалски стадион.

Интер со сите сили успеал да се избори за преигрување на натпреварот. УЕФА одлучила тој да се преигра на Олимпискиот стадион во Берлин пред 84.000 гледачи а Борусија Менхегладбах била ускратена да игра пред својата публика на свој стадион.

Но пред да се преигра првиот натпревар, се одиграл реваншот на Сан Сиро на 3 ноември 1971 и Интер славел 4:2. После поразот од 4-2 во Милано, Германците биле бесни и спремни да покажат дека не случајно на првиот меч го прегазиле Интер.

„Беа многу наострени зошто не им ја признаа победата од 7:1, но ние чуствувавме дека мораме да докажеме дека тој резултат не ја одразуваше правата разлика меѓу нас“, раскажал еднаш Ѓакинто Факети, легендарниот фудбалер и подоцна претседател на Интер.

На крајот целата рапсодија завршила во Берлин на 1 декември кога Борусија и Интер одиграле 0:0 и Интер отишол во полуфинале.

На крајот Италијанците, преку Стандард Лиеж стигнале до финале, но таму Јохан Кројф и славниот Ајакс немале потреба од лименки Кока-Кола и со два гола на големиот мајстор го совладале Интер за европска титула.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО СО ЛИМЕНКАТА?

Фамозната лименка Кока-кола цели 40 години била во музејот на Витезе каде што ја дал холандскиот судија Дорпманс. Во 2012 година, претседателот на Борусија Менхенгладбах Стефан Шиперс побарал од Витезе да им ја отстапат реликвијата за нивниот музеј и да ја дадат таму каде што таа припаѓа.

Сега лименката стои во клупскиот музеј на Борусија Менхенгладбах.