Бајката на Гранада - лидер во шпанскиот фудбал кој ја урна Барселона

Во ситуација кога Барселона и Реал Мадрид потрошија по 200 до 300 милиони евра на трансфери, кога ќе се погледне првопласираната екипа на табелата во Шпанија, ретко кој не прашува да не е некоја грешка.

На 1 април 1939 година во Шпанија и официјално завршила Граѓанската војна и после три години пауза, фудбалот пак се вратил на стадионите.

На Гранада ѝ претстоела трета сезона по ред во втората лига, но поголем проблем им било отсуството на нормална опрема за фудбал. Луѓето од управата отишле на пат од 420 километри кон Мадрид, но и во престолнината не нашле некој да продава маици со сино-бели вертикални штрафти.

На крај нашле црвено-бели дресови и во 1939 година почнале да играат во опремата на Атлетико Мадрид.

САМО ЕДЕН ГРАД САМО ЕДЕН КЛУБ

Гранада, во која живеат 233.000 жители, е четвртиот најголем град во Андалузија (после Севиља, Малага и Кордоба). Гранада е древен град со славната тврдина Алхамбра, архитектонско чудо кое секоја година привлекува туристи од целиот свет.

Алхамбра била резиденција, замок со огромен двор на муслиманската динасија Насриди кои биле емирати на Гранада.

Затоа понекогаш фудбалскиот клуб Гранада носи прекар „Насриди“.

Годинава Гранада ја игра 24-та сезона во првата шпанска најсилна лига Примера, а најголем успех во историјата им било 6. место. Еднаш се прославиле и во Купот на Шпанија. Тоа било во сезоната 1958/59 кога клубот од Андалузија стигнал до финалето на „Сантијаго Бернабеу“ откако со 8:1 го победил Елче, со 6:0 Кадиз па Валенсија во полуфиналето.

На крај во битката за трофејот не можеле ништо против Барселона на моќниот Еленио Ерера. Каталонците таа сезона дале 96 гола на 30 меча во првенството и во финалето главно прашање било колку ќе прими Гранада. На крај Барса победила 4-1.

ЗА МАЛКУ НЕ СТАНАА КЛУБ-ЛИФТ ВО ШПАНСКИТЕ ЛИГИ

Гранада не е типична лифт-екипа какви што има многу во хиерархијата на шпанскиот фудбал. Во 2009 година газда на овој клуб стана семејството Поцо од Италија (фамилија која веќе ги води Удинезе и Вотфорд), така што Гранада брзо закрепна финансиски и почна да игра со позајмени играчи кои тука стекнуваа искуство.

Клубот од Андалузија брзо пројде пат од трета лига во прва Примера. А во Ла Лига се задржаа цели шест сезони. Во 2016 година во Андалузија дошол младиот, 34-годишен кинески бизнисмен Жанг Лижанг. Тој ја купил Гранда за 37 милиони евра. Гранада игра на стадионот „Лос Карменес“ кој има капацитет од 19.336 места и сезонава речиси секогаш е полн.

Новиот сопственик (неговата HOPE групација владее уште и со Парма и кинескиот клуб Чонгкинг Дангдаи Лифан, а има акции и во Минесота Тимбервулфс), на бранот на еуфоријата, иако немал многу познавања од фудбалот и ова му бил прв спортски колектив во кој купил мнозинство акции, ветил дека ќе потроши 15 милиони на трансфер, брз пласман во еврокупови и Хорхе Сампаоли на местото тренер на екипата.

Но реалноста беше поинаква. Потрошија 11,5 милиони евра на трансфери, завршија 20-ти на табелата а тренерот Пако Хемес беше отпуштен после 6 кола.

За трансфери тогаш бил задолжен Пере Гвардиола, брат му на Пеп, чија компанија Media Base Sport носела во клубот свои клиенти. На крајот од сезоната 2016/2017 состојбата била катастрофална, па Пере го значил за тренер неговиот пријател Тони Адамс. Англичанецот после 7 меча имал 7 порази со гол разлика 3:17.

Откако испаднаа во Сегунда сонуваа што побрзо да се вратат во елитата. Беа најскап второлигаш (после Спортинг Хихон) но од почеток не им тргна баш лесно.

Жанг Лижанг, советуван од своите помошници, сфатил дека за успешен колектив не му требаат странски легионери, туку домашни раководители, локални играчи и луѓе блиски до клубот и градот.

Проба прво со Хозел Олтра кој доби отказ после 31 коло. Таа сезона 207/2018 Гранада ја завршила на 10 место во Сегунда.

Во 2018 година кинескиот газда, веќе разочаран од сите обиди, во Андалузија го викнал Диего Мартинез, анонимен млад тренер познат само во шпанското фудбалско подземје (ја водел филијалата на Севиља и од втора ја донел до прва лига).

Диего Мартинез во 2017/2018 бил тренер на Осасуна а тимот од Памплона примил само 34 гола на 42 натпревари во Сегунда, најмалку од сите. На чело со Мартинез, Гранада минатата сезона заврши втора, веднаш зад Осасуна, прими само 28 гола на 42 меча и се врати во елитната Примера.

КЛУБ СО МАЛ БУЏЕТ НО ИГРАЧИ СО ГОЛЕМО СРЦЕ

Кинескиот сопственик Лижанг за новата сезона во Ла Лига одвоил буџет од 7,25 милиони евра од кои најголем дел се потрошија за шпицот Дарвин Мачис и високиот снажен стопер Домингеш Дуарте.

Гранада во првото коло одигра некарактеристични 4:4 со Виљареал на гости, потоа изгубија дома од Севиља 0:1 и после тоа почна нивната неверојатна серија од три победи без примен гол.

По триумфите над Еспањол и Селта, Гранада направи сензација откако ја шокираше цела Шпанија со победа од 2:0 над моќната Барселона. Каталонците на тој меч САМО ЕДНАШ шутнаа во противничкиот гол, нешто што не им се случило со децении.

Гранада го има најевтиниот состав (по вредност на играчи) во цела Примера, но духот на заедништво и чувство на колективизам ги прават посебни.

Во тимот стандардни се португалскиот голман Руи Силва, универзалниот играч од среден ред Антонио Пуертас, стоперот Херман Санчез, репрезентативецот на Нигерија Рамон Азиз, некогашниот бисер на Лион Максим Гоналон, Виктор Дијаз и Кини, Анхел Монторо како и напаѓачот Дарвин Мачис и бекот Јанхел Ерера (двајцата репрезентативци на Венецуела)

„Работата не е во имињата и суперѕвездите, туку во тоа што играчите препознаа за каква цел се обединети и зошто треба да ги следат тактичките инструкции“, одговорил младиот и анонимен тренер Диего Мартинез кога го прашале зошто има толку непознат тим.

За разлика од пред неколку сезони кога од 28 играчи имале 20 од различни земи, сега клубот и екипата имаат локален шмек, најмногу благодарение на спортскиот директор Антонио Кордон кој работел во Виљарал и Монако и на техничкиот директор Фран Санчез. Нивната стратегија била не да земаат само играчи од Шпанија, туку по можност и само со потекло од Андалузија, затоа што тие фудбалери најдобро би ја чувствувале Гранада.

После 10 кола имаат 6 победи, 2 нерешени и 2 порази и се први на табелата во Ла Лига. Нивниот успех можеби не гарантира „шпански Лестер“ или излез во Европа, но покажува дека постои романтика во модерниот фудбал.