18-годишен голман на Сасуоло бранел во петок за младинци, па во недела против Роналдо и Јуве

Фудбалот и спортот воопшто се режисери на многу фини приказни. Викендов видовме две бајки, едната во Лондон, другата во Торино. Заедничко и за двете е што во главни улоги се голмани.

Додека во Велика Британија викендов се пишуваше за 33-годишниот голман на Вест Хем кој првпат во кариерата застанува на гол на премиерлигашки натпревар и успева да не прими гол од Челси на „Стемфорд Бриџ“, во Италија се зборува за еден многу млад голман.

Од култната населба Тре Фонтане во Рим до стадионот „Алианц“ во Торино има околу 700 километри. На првото место се наоѓа стадионче на кое играат младинците на Рома, а вториов е дом на великанот Јувентус.

За да го помина ова растојание на младиот голман на Сасуоло, Стефано Турати му требале неколку часа, а на крајот го остварил својот сон.

НЕДЕЛНО ПЛАДНЕ ПОИНАКВО ОД ДРУГИТЕ

Замислете како звучи спикерот на стадионот на Јувентус да го прочита вашето име меѓу стартерите а вие имате само 18 години.

Во ситуација кога првиот голман на екипата Андреа Консиљи му е повреден, а здравствени проблеми имал и вториот голман Џанлука Пеголо, тренерот на Сасуоло Роберто Де Ѕерби морал брзо да решава. И се одлучил за 18-годишниот Стефано Турати, чувар на мрежата на младинците на „нероверди“. А на клупа седнал неговиот заменик исто од младинците, 18-годишниот Алесандро Русо.

И како на убав филм, Турати се прослави. Пазете, чуваш гол од нападите на Кристијано Роналдо, Дибала, Игуаин, Даглас Коста. Малиот имаше дури седум одбрани и му помогна на својот тим да извлече голем бод и непоразен да си отиде од Торино (2:2).

„Малиот е комплетно луд, синоќа го викнав во хотелското лоби и побарав од него да покаже лудории. Му кажав вечерта да биде мирен и да ужива, и дека е нормално ако не спие, но да нема преголеми очекувања, да не се плаши“, изјави тренерот Де Ѕерби после мечот.

А јунакот на мечот, 18-годишниот Стефано Турати изјави:

„Искрено немам зборови! Толку многу емоции, се се случи набрзина и никогаш не го очекував ова. За мене беше голема чест да играм против Џиџи Буфон, затоа што го гледав додека раснев. Ова беше сензација и неверојатен ден за мене. Одбраната на шутот на Роналдо од слободен беше најважна на мечот, а и одбраните после контранападите. Среќен сум и во шок, што уште не знам што да кажам. Прво што треба да направам е да и се јавам на мајка ми“, вели Турати кој на крај се гушкаше со својот идол Буфон.

 

 

2 декември 2019 - 12:13