За сите што денес не се разбудија во 5

Во ред е, од ваша сме.

Во последно време, секакви гуруа изникнаа по интернет и литература што пробуваат да ве убедат дека најпаметно е да се стане со кокошките затоа што така си поодговорен и преземаш контрола врз обврските и животот.

Ако не стануваш во ниедно време, тогаш си мрзлив, треба гуруто да ти го среди животот и треба да му платиш.

А ако не е гуру, тогаш е некаков „успешен” човек, што широкоградо дели совети по растрепкани новинари дека „станува во 5, вежба, шета куче, трча, прави доручек, доручкува, се тушира, се облекува, протрчува уште 5-6 километри, работи цел ден, се враќа дома, јаде протеин бар и легнува и утредента од почеток,” и сака да каже дека заради тоа има мултимилионски бизнис.

Кај нè става ова сите нас што спиеме до 9-10-11? Во неодговорните, многу често. Да не правиме муабет за уште поиритантните делења памет од типот - немојте кафе, дружете се со тие и тие, сменете ја таа навика, сменете ја и онаа и живејте како овој глупиов со протеинското чоколатце.

Иако станувањето рано има свои предности и апсолутно треба да си го правите ако ви прави ќеиф, другата страна на паричката, поточно - наспивањето ич, ама ич не треба да ви предизвикува чувство на вина.

7 октомври 2019 - 00:00