За плачење или за смеење: Крокс изгледа стануваат модерни

Луѓето се делат на три категории: луѓе што мразат Крокс и никогаш не ги допреле ни со стап; луѓе што никогаш нема да ги облечат во јавност, ама признаваат дека се добри за по дома, и луѓе што гордо ги топорат и по град, и по грчки селца на одмор и не сфаќаат дека им се грди. Изгледа дојде време овие последниве да бидат боље од првите и вторите.

Ги носат луѓе што возат по рамбовка, ги носат со чорапи и ги прават сите прекршоци за тоа каков треба да биде целокупниот изглед на еден модно освестен човек. А сепак, со фактот што се повеќе уметници, дизајнери и луѓе со машка пунџа излегуваат во јавност со нив, не на пијано или по цигари, туку сериозно, укажува на тоа дека треба да се спремиме за нов тренд што веројатно ќе не преплави само затоа што е – удобен.

Крокс се појавија на Лондонската модна недела, украсени со крзно или штрасови, па дури и Гучи извади нешто што многу личи на нив во мај оваа година.

А зошто? Како е можно да се сметаат за добро модно решение?

Модниот новинар на GQ, Џејк Вулф го објаснува тоа многу едноставно: „Сè што е грдо деновиве е во мода. И огромни фармерки, и лошо дизајнирани логоа, а Крокс се најчистата форма на овој нов бран.“

Добро. Нека биде. Само да се надеваме дека нашиве овде ќе ги заборават чорапите кога ќе решат да бидат вака модно настроени.

13 јули 2017 - 11:00