Упорниот мит за женското ривалство на работа

Популарните медиуми се полни со статии за жени што малтретираат други жени, шират малициозни трачеви за нив, дволични се и се обидуваат да ја нарушат сликата за нив, на професионално ниво. Проблемот со ваквите тврдења е дека - не се точни.

При истражувањето за книгата „Не е до тебе, до работата е”, Харвард Бизнис Ривју не можеле да најдат емпириски докази што би ја поддржале идејата дека жените се позлобни, поантагонистички настроени или понедоверливи кон другите жени отколку мажите кон други мажи. Едно од поновите психолошки истражувања покажува дека полот не влијае на личноста, когнитивноста и лидерството. Но, ако нема емпириски докази дека жените нејќат жени, зошто тогаш ова е толку популарна идеја?

Одговорот може да лежи во фундаменталното недоразбирање на тоа зошто жените понекогаш лошо стојат на работа со другите жени. Не е тоа затоа што имаат некакви уникатвни, женски психолошки карактеристики, туку поради дискриминацијата на работното место.

Полот многу влијае во работната средина, особено поради тоа што доминираат мажи, а распоредот е во рамки на машки норми, вредности и очекувања. Во вакви работни средини, предрасудите можат да доведат до антагонистички односи меѓу жените. И тоа - предрасуди за афинитети и предрасуди за пол.

Првите се природни и поради нив, машките менаџери прво на мажите им даваат подобри можности, па после на жените, затоа што меѓу мажи им е покомфорно.

Предрасудите на родова основа се претпоставка дека мажите подобро можат да водат, да извршуваат задачи под притисок и да преговараат во тешки ситуации од жените. Заради нив, на жените се гледа како помалку компетентни, амбициозни и натпреварувачки настроени од мажите.

Овие два типа на предрасуди работат во тандем за на жените да им ги отежнат меѓусебните односи на работно место, затоа што го ограничуваат бројот на позиции за жени и тоа во главните, водечки ситуации, па следствено, ги тераат да бидат директна конкуренција една на друга. Поради нив и се случува жените да усвојат машки стил на менаџирање на работите за да се истакнат покрај нивните колешки. Ваквата динамика може да создаде плодна почва за непријателства, што потоа се припишува на нивната природа, наместо на ситуациите на работно место.

Постојат и очекувања за тоа како колегите и колешките треба да се однесуваат. На пример, жените очекуваат на колешките (но не и на колегите) да им е гајле за нивните лични проблеми, да се секираат за нивното здравје, да ги поддржуваат нивните желби и да бидат посвесни за нивните уникатни потреби, желби и потешкотии. Со други зборови, претпоставуваат дека другите жени ќе имаат „повеќе разбирање, повеќе грижа, желба за помош и за простување од мажите.” И кога ова не е така, веднаш настапува тој антагонизам.

Во захтевни кариери со висок статус, сепак, и мажите и жените под притисок можат да бидат директни, самоуверени и фокусирани на бизнисот, без да ги третираат луѓето различно врз основа на полот. Жените-шефови кога имаат очекувања од вработените се сметаат за ладни, себични и непријателски настроени - наспроти ова, мажите кои вака се однесуваат викаме дека едноставно - си ја вршат работата.

Се разбира, некои жени се вистински непријатни, непријателски и злобни, но не постои доказ дека се во поголем број од мажите кои се однесуваат слично.

Разликите што ги има меѓу половите се мали, со варијација во темперамент, способност и однесување.

Значи, кога жените и мажите се однесуваат различно на работно место, тоа нема врска со психолошки карактеристики, туку со нееднакви практики и процедури што водат до различно исксутво на работно место кај двете групи.

3 декември 2019 - 14:50