Толку ли е страшно да заспиеш со шминка?

Ако прашаш неколку експерти, сите различно ќе ти кажат.

Прво, ако сме на темата совршена кожа, веројатно истиот момент ви паѓаат на памет 2-3 девојки што ги познавате, со порцелански тен и изјави од типот „што знам, нишо не праам, некад и заспивам со шминка“. Тоа може е за во јавност, а може е стварно така, но реалноста е таа: неверојатно е дека постои жена што барем еднаш не заспала со шминка и останала жива (читај: без остварување на хорор-приказната дека сабајлето ќе се разбудиш со крокодил на фаца).

Прашањето е сега: толку ли е лошо да заспиеш со шминка?

Еден реконструктивен хирург и експерт, Марко Ленс вика: „Јас мислам не. Откако влезе во мода корејската нега, се претера со чистење. Глупости живи.“  Раскажува дека се зголемил бројот на жени што доаѓаат во неговата клиника, со кожа што станала „тенка и многу понежна“ како резултат на претерување со чистење и нарушување на природната бариера. „Одма ќе ви кажам, резултатот е постар изглед и повеќе брчки, како за почеток.“ Тој препорачува отстранување на шминката навечер со маслено средство што нема да ја повреди липидната бариера на кожата, но кажува и дека ако не сте имале шминка тој ден, и само вода може да заврши работа.

Мери Гринвел, која е шминкерка, инсистира дека треба да се отстранува шминката секоја вечер. „Кожата ќе ви биде благодарна и ќе ви треба многу помалку пудра од обично,“ вели таа. Препорачува француски брендови како Виши, Биодерма и Ла Роше, бидејќи нудат одлични производи за чистење со добри цени. А има и уште една причина, неповрзана со нега на кожа, поради која што чистењето секоја вечер вреди: „Навлаката за перница треба да ја менувате секоја вечер ако не го измиете лицето. И тоа одзема време. За тоа време можете да се измиете!“

Изненадувачки е што, за една жена толку посветена на добра нега на кожа, која деновите ги поминува негувајќи ја кожата на манекенки и глумици, Никола Џос е нешто непотресена. „Прескокнете го чистењето, де,“ кажува Никола, „само не секоја вечер. Еднаш до два пати неделно не ви прави разлика. Но ако не ја извадите шминката цела недела, ќе забележите разлика во текстурата и тенот.“ А тврди и дека попаметно ви е ич да не го чистите лицето, отколку да го чистите со влажни марамици. „Не се еколошки, избелувани се вештачки, а тоа значи дека си ја полните кожата со хемикалии што не ви се потребни.“

Италијанската хемичарка, Д-р Рафаела Грегорис, која стои зад формулата на иновативната Bakel линија за нега на кожа, исто така ги презира влажните марамици. „Не се добро решение, затоа што се полни со адитиви и состојки кои го нарушуваат природниот одбрамбен механизам на кожата и со тоа го забрзуваат процесот на стареење.“ Верува и дека иако нема да видите очигледно оштетување веднаш, ќе се забележи понатаму. „Шминката, чадот, бактериите и загадувањето ќе го забрзаат процесот на стареење со зајакнување на слободните радикали и спречување на кожата да дише и да се регенерира природно.

Заклучок: сепак вие вадете шминка пред спиење.

10 август 2017 - 11:44