Апликација што го средува најдосадниот дел од онлајн врските:

Тиндер за муабетчии

Sweet Pea е апликација за онлајн запознавање, која од другите 300 како неа се разликува по тоа што инсистира малку повеќе да направите муабет со човекот од другата страна, наместо тоа тупото „Шо има?”

Повеќе фокус има на разговор. Профилите се многу детални и обемни, корисниците можат да бараат совпаѓања преку хаштагови според нивните интереси или теми за разговор и како потпис на апликацијата, има „прашање за кршење на мразот”, кое се додава на профилот, давајќи им на потенцијалните спојки полесен начин да почнат дискусија.

Идејниот творец, Мајкл Брук зборува за романтика во дигиталната ера, што му фали на љубовниот онлајн простор и многуте чекори потребни да се изгради подобра апликација за романтични спојувања.

Зошто е Sweet Pea поинаква од другите апликации?

„Кога ќе се регистрираш, ти бара да ставиш прашање за кршење мраз на профилот,” почнува Брук. „Тоа може да е било што што ти се врти во глава во моментот, било која тема на разговор. Ова помага луѓето да најдат заедничка точка на интерес. Можете и да прикачувате видеа, приказни (stories) и статуси и да се тагнувате на активности и локации, можете да користите пребарувач.”

Значи, како Фејсбук, со акцент на романтика

(ова за многумина се преведува и како: значи како Фејсбук, точка)

На прашањето – што му текнало баш ваков тип на апликација:

„Пред околу шест години, добив чувство дека ќе има многу непријатни последици во однос на тоа како социјалните мрежи ќе ни влијаат. И ме водеше една идеја: како да се искористат како начин што ќе зближи луѓе кои не се познаваат – преку разговор? Сакав да направам тоа да биде почовечки и спонтано, и помалку вештачко – за разлика од Линкедин и Тиндер.

Неодамна, еден од постарите директори на Фејсбук, Чамат Палихапитија држеше говор во кој призна дека не сака неговите деца да користат Фејсбук или Инстаграм. Креирани беа со добри намери, но и тие, и сите слични имаа непријатни последици за општеството и јавниот дискурс. Многу луѓе реагираа на тоа, и се пронајдоа. Не знам дали одговорот лежи во креирање нови платформи, или работење со старите, па си реков, да пробам.”

Додека работеле на Sweet Pea, дошле до интересни сознанија

„Прашував илјадници луѓе за нивното искуство од користењето на апликации од овој тип. Има една аналогија со лошите журки на кои одиш во средно: глупо е, ама сите ќе одат, па ај, и јас.” Тоа изгледа беше консензус за многу од апликациите. Луѓето си мислеа „Многу луѓе има таму, па ќе искористам да запознаам нови луѓе, иако не е идеално.” Прашував: „Колку од спарувањата се претвораа во разговор?” И луѓето велеа: „Еден во петнаесет.” Тоа се обидувам да го решам со опиплив производ и да го подобрам искуството од апликацијата.”

Луѓето стануваат сè поглупи кога разговараат со непознати

„Сакам да помогнам луѓето да најдат здрави, среќни врски и светот да стане малку помал. Сè помалку се снаоѓаме во обичен разговор со непознати и ова не е проблем само со апликации, туку општо социјалните мрежи не ни помагаат да научиме да сочувствуваме со непознати. Многу е возможно генерацијата Z од излегување преку апликација да учи за романтика, друштво, додворување и слично. Така што, идејата е да им се помогне на луѓето да се поврзат едни со други подобро.”

12 јануари 2018 - 16:01