Теорија: Најдобро време за легнување е 8:45

…напиша уредникот на овој текст, педантно забележувајќи дека е 4:28, се разбира не денското.

До сега веројатно забележавте дека луѓето што се разбираат во спиење, а притоа не се како нас, туку сериозно и научно и пристапуваат на таа проблематика, тврдат дека е подобро да се станува рано. И за таа цел, фино е да се навикне телото и да си легнува рано. За можат сè да завршат, порано луѓето станувале и два пати во текот на ноќта (бизарно, ама вистинито), плус еднаш и учевме како се станува morning person. Тешко, ама изводливо.

Особено кога ќе се научиш да легнуваш во 8:45, наводно најдоброто време за одење во кревет.

Кејти Хини од The Cut прво расправа дека се исплати да станеш многу, многу рано. За да спиеш доволно, по стотти пат нели, потребни ти се 8 часа. Што значи, ако се прибереш во 15 до 9, се фатиш за книга, можно е до 9:15 веќе да спиеш и да бидеш свеж во 5:15.

И прво може да паничиш дека пропушташ еден куп работи ако легнуваш така рано, плус тоа си носи непријатни последици - еднаш ќе излезеш со друштво и ќе почнеш да гледаш кревети на втората пијачка, ама кога ќе помислиш на фактот дека во 5 сабајле сите ќутат, а ти можеш да прочиташ книга, да гледаш дури и серија, ма колку и да ти звучи тоа контраинтуитивно, или едноставно да медитираш сам со кафето, тоа пропуштање журки (ако не си тинејџер) и не звучи веќе така страшно.

„И како се прави тоа?” почнува Хини со својот заклучок. „Да речеме дека со работа завршуваш во 5, или 4, што е во ред. Ама ако завршуваш во 6 (како што често бива), вака може: дома си до 6:30. Облекуваш пижами (како што најверојатно и обично правиш). Јадеш и гледаш две получасовни епизоди од некоја серија. Доаѓа 8. Може сакаш да се бањаш, а може сакаш уште малку да погледаш нешто. Конечно си доволно опуштен да размислиш колку е саат (8:45 е). И си легнуваш. Се разбира, времето од после работа до легнување го адаптираш на социјалниот живот, не мора филм или серија. И малку претерувам, ама види, спиењето ти е многу, многу добро. Сигурно ти треба повеќе сон, а тоа се постигнува со одвојување на повеќе време за него. А ако стануваш рано, што и треба, тогаш треба рано и да си легнеш. Не можам доволно да го изнафалам 8:45.”

Можно е? Којзнае.

Сега е 4:44.

Ноќното. 

Ај од утре.

6 февруари 2019 - 00:00