Супер е кокосово масло, ама да не претеруваме

Се сеќавате кога интернетот експлодираше со „кокосово масло овде – кокосово масло онде”, па го купувавме на тони, го мачкавме кај стигнеме, трепки растевме со него и на мачките им дававме? Среќа сега се смири еуфоријата, па ни останаа само фините работи што ги научивме околу кокосот. И излегува дека нешто не ни е доучено.

Не само што не ни е доучено, туку и правиме грешки.

Грешка 1: Мачкање на лице

Внимателно со ова. Една козметичарка од Њујорк, Џордана Матиоли, за Into The Gloss објаснува дека кокосовото масло ги затвора порите и практично си правите лоша услуга. Направете пилинг и престанете да си ја малтретирате кожата на лицето - особено ако имате многу мрсна кожа. Единствено е делумно во ред, ако имате многу сува кожа, па да ви е гајле за запушени пори. Тогаш може.

Сепак, не е најсреќното решение, ниту пак Матиоли препорачува производи со една состојка. „Кожата се подобрува од многу различни нешта,” вели таа, ”па се ограничувате кога ќе речете ‘јас само кокосово масло користам’”. Има многу производи, многу од нив се и органски, што можат да ви го дадат тоа што ви е потребно за кожата на лицето.

Грешка 2: Отстранување шминка

Матиоли вика дека е супер за шминка затоа што одлично ја разложува, НО! ако веќе го користите за тоа, обавезно треба да го измиете лицето од причините спомнати кај првата грешка.

Грешка 3: Купување рафинирано масло

Не ви треба тоа, ви треба тоа екстра вирџин што е во цврста форма кога ќе го купите. Тоа не е рафинирано и процесирано и сè уште ги содржи потребните масни киселини. Нерафинираното го има и тој мирисот што ни се свиѓа.

Грешка 4: Ставање на скалпот како маска за коса

Колку само статии излегоа сосе овој совет во нив. А не е добро – особено ако имате првут. „Скалпот мора да ја отфрли мртвата кожа, а маслото го спречува,” предупредува Матиоли. „Теоретски, ќе ви го влоши првутот. Да не се заебаваме со тоа.”

Грешка 5: Мислите дека лечи егзема

Кокосовото масло смирува и измазнува, што е доста ефективно кај сува кожа (на ТЕЛОТО), но Матиоли не би го користела како третман за егзема. „Луѓето често сакаат да смират некое чешање и сува кожа, и за тоа е во ред.”

Грешка 6: Користење како лубрикант

НЕ.

Има многу причини за тоа. Не смеете да мешате кокосово масло со кондоми од латекс, мора да прво да тестирате на кожа да видите дали ќе се појави иритација, плус може да им пречи на совршените процеси за самочистење таму.

Затоа, следниот пат читајте етикети да видите какво масло купувате, и чувајте ги ваквите масла за хидрирање на телото. Лицето си сака малце хемија.

24 ноември 2017 - 14:58