Позајмено интервју:

Со Мерил Стрип, едноставно

„Тоа што навистина нè усреќува сите е многу просто: љубов, секс и храна! Сè друго – моќ, влијание, сила – сите тие нешта знаат да ги надминат важните работи во животот. Но, сè додека имаш храна и кров над глава, и имаш сè што ти треба, тогаш тоа што нè усреќува е многу едноставно.“

Г-ѓо Стрип, дали готвите по дома?

Понекогаш сакам, понекогаш не. Сум почнувала да готвам, па ќе си речам „Оф, Боже!“ и фрлам сè тоа. Сум направила нешто, па сум рекла, „ништо, нарачуваме пица.“ И ќе си прилегнам во соба. Кога ми беа мали децата, додека работев, имав човек што ми готвеше. Сега немам готвач, долго време не сум имала и сама готвам. Но кога беа мали, тешко беше да се внимава дали сите домашни се напишани и дали има за јадење.

И што ви е специјалитет деновиве?

Во последно време често правам тестенини. Има необични вкусови што можат да се комбинираат. Готвам затоа што моите деца сакаат една работа и ја бараат повторно и повторно. Сега ќерка ми сака паста со карфиол, свеж магдонос и рикота. Се врие карфиолот и се ставаат тестенините во истата вода. Се готви додека не навлезе вкусот во нив, а другите состојки се додаваат свежи.

Како ја комбиниравте богатата кариера со мајчинството?

Па првата работа што ти треба е одличен сопруг. Тоа си го најдов пред многу години и имав среќа. И мораш да бидеш издржлив. И мораш многу добро да се организираш. Чувството ми е како да водам бизнис, а не е така. Планирање, планирање, планирање.

Што ќе кажете за тоа што и вашите деца влегуваат во актерството?

Се гордеам што моите ќерки сакаат да го работат ова. Истовремено и се плашам за нив. Затоа што кога ќе налеташ на критика како актер, не ти го критикуваат делото, како слика или книга на пример, туку те критикуваат тебе! Тоа е тешко да се тргне на страна и да не те повредува и затоа се плашам. Но никогаш не би им рекла немој, затоа што мислам дека е прекрасна професија и многу сум благодарна  за сè што ми дозволила да изразам.

Имам впечаток е дека секогаш делувате среќно. Дали е стварно така, или така се претставувате во јавност?

Не сум секогаш среќна. Среќна сум пред новинарите. Знам да бидам прилично намќор. Прашајте го маж ми.

Што Ве усреќува?

Тоа што навистина нè усреќува сите е многу едноставно: љубов, секс и храна! Сè друго – моќ, влијание, сила – сите тие нешта знаат да ги надминат важните работи во животот. Но, сè додека имаш храна и кров над глава, и имаш сè што ти треба, тогаш тоа што нè усреќува е многу едноставно.

Тоа гледиште е често поврзано со тоа како се луѓето воспитани. Дали сте како Вашата мајка?

Мајка ми беше човек што ја осветлуваше просторијата кога ќе влезеше. Лесно се спријателуваше со луѓе и комуницираше со ентузијазам и многу радост. Од секогаш сум сакала да бидам повеќе како мајка ми отколку што сум. Многу ја сакав и ѝ се восхитував. Таа избираше да ги гледа најдобрите страни на животот, а не да се фокусира на тоа што ја враќа назад.

Дали сте завидувале некому во животот?

О, да. Мислам, да! Ѝ завидував на Џесика Ланг кога го доби Sweet Dreams. Тоа беше еден одличен филм; таа беше неверојатна таму. Посакував работи што не сум ги имала, но морам да признаам дека благословите ми се големи, па не се жалам.

Софија Лорен еднаш рече дека Ве мрази затоа што сте ѝ ја украле улогата во „Мостовите на округот Медисон“ со Вашите актерски способности.

Па, не мислам дека Софија ме мрази, затоа што штотуку ја сретнав прв пат во живот на последните Оскари, и така убаво ме гушна и ме направи пресреќна. Голем фан сум ѝ и многу ѝ се восхитувам и секогаш било така, така и мојот сопруг. Тој никогаш не се опорави од моментот кога таа излегува од морето.

Ви се допаѓа ли имиџот на „прва актерка што ти треба“ за сериозни драми?

Сум работела секакви работи. Во кој филм и да се појавиш прв пат, луѓето прв пат те гледаат, и тоа е како прв впечаток кога влегуваш низ врата и со тоа те врзуваат. Првите неколку ангажмани ми беа во драми, но во школо за драма никогаш не играв во сериозна или реалистична претстава. Не, само една имаше, глумев во „Таткото“ и ја глумев младата ќерка. Сè друго беше комедии, три години. Но тогаш беше такво време.

Сте работеле со холивудската елита. Кој Ви е омилен режисер?

Немам омилен режисер, како што немам омилена боја и омилена храна. Сè ми се допаѓа. Имало режисери со кои не сум уживала да работам, но сè повеќе сфаќам дека сум била неверојатно размазена во кариерата затоа што сум работела со некои од најдобрите режисери на светот.

Дали има некој со кој сте немале шанса да работите, но сепак би сакале?

Да, би сакала Мартин Скорсезе да се заинтересира за некој женски лик понекогаш, но не знам дали ќе го доживеам тоа. Има и прекрасни режисери со кои би сакала повторно да работам. Многу го сакам Спајк Џонс. Многу ми се допадна соработката со Вес Андерсон, но бев лисица, па би сакала да работам со него и како човек некогаш.

Дали вие, големата Мерил Стрип, некогаш се плашите од улоги?

Не можеш да работиш и да се плашиш во исто време. Можеш да се плашиш на прес-конференција, да имаш трема, да се потиш, но не смееш да се плашиш кога работиш затоа што тоа не функционира така.

Значи повеќе немате трема?

Колку повеќе мислам на нешто, толку повеќе имам трема, па намерно не си давам многу време меѓу два филма. Правам голема пауза, па почнувам повторно вообичаено да работам.

14 јули 2017 - 11:33