Сировата, радикална реалност на Миу Миу

Слично како што Прада ја отвори ревијата со обичен џемпер од кашмир, Миу Миу на Мијуча Прада почна со нешто еднакво сирово: волнен кардиган со едно голо рамо, пикнат во обичен тегет фустан.

Косите олд-скул, црвениот кармин - гламурозен, а публиката со прашалници - каква жена треба ова да претставува?

i-d.vice вика дека изгледа како да го носела џемперот се децении, а фустанот како да го користела за престилка. Можеби е лик од роман на Елена Феранте, или лик кој го игра Ана Мањани во филм на Роселини. И цело време такви ги вадат на писта, иако фустанот не е цело време материјал за бебешко лигавче, а кардиганот се смалува до пропорции на бралет. Целово ова повторување ја разјаснува пораката: помалку значи повеќе, рециклирање и одново користење, направи сам.

Излегува дека Мијуча го продолжува своето истражување на она што треба да биде безвременска облека во време кога стварите за една употреба и отпадот стануваат страшни, а модните брендови почнуваат да се бават со тоа. Прада има преземено значајни чекори во правец на еколошката свесност - имаат годишни конференции за одржливост и користат рециклиран најлон. Колекцијата, г-ѓа Прада ја опишува како „нешто сирово, едноставно, наивно, ништо посебно. Еден предлог за начин на облекување, а потоа се слободни да прават што сакаат.”

Веројатно сака да каже дека и Миу Миу девојките треба да бидат креативни. Имаше дезени и бои како правени на своја рака, распар копчиња на преголеми сакоа и рандом памучни парчиња за да се добие чувство на драма на навидум обична сукња. Поентата е дека оваа ревија е за радикално живеење, такво што можеш да го изведеш дома без да мораш да купиш било што - да земеш нешто што веќе постои и самата да му додадеш. Се разбира, многу е полесно да се каже отколку да се направи. Не сме сите брилијантни дизајнери, но фала богу за Мијуча Прада. Ако не ве бива, тогаш секогаш можете да купите Миу Миу.

Океј, не секогаш, ама барем имате дозвола од Прада да копате по плакар и да рециклирате.

14 октомври 2019 - 15:09