Што се случува ако скршиш уметничко дело?

Одиш во галерија или музеј. Се шуткаш, разгледуваш, одиш наназад, мислиш дека ќе седнеш на клупа за да се воодушевуваш на нешто пред тебе. Клупата е од стиропор и жица, дел е од изложбата и чини некои 7000 евра. Седнуваш.

За волја на вистината, ова стакло е дел од уметничка инсталација, НО, буди еднакво непријатни чувства ако замислите дека личело на нешто, а вие нешто сте се заљуљале.

Ова е кошмар на многу луѓе што стапнале во музеј. Се разбира, во случајот на Марина Абрамовиќ, каде што најчесто самата таа е уметничко дело, колку и да нејќеш, кршењето е добредојдено (види како она ги кани луѓето да ја бодат со ножеви). Од примерите со помалку боди хорор, во февруари годинава, на пример, обидувајќи се да направи селфи, еден аљкав скршил една од тиквите со точки на Јајои Кусама, во една од нејзините „бескрајни соби”.

И ваквите случаи секогаш стигаат до весник, ама статијата никогаш не завршува со „и тогаш галеријата го повика посетителот и побара…” туку завршуваме со читање и чукаме три пати во дрво од незгодно и од страв дека една обична трапавост може да нè донесе до хипотекарен кредит.

А што е уствари процедурата?

Писателката Алисон Кини во 2014-та влегла во њујоршка галерија да се наполни со доза уметност. Почнала да чекори наназад за да застане на дистанца од делото, и седнала на нешто што мислела дека е клупа. Нејзиниот сопруг се обидел да ја предупреди дека всушност седнува на уметничко дело направено од стиропор и жица, но било предоцна - дур се разберат, едно парче од клупата се скршило. Чувството на језа ѝ е како вчера да ја преплавило, како што кажува за Hyperallergic. „Многу ми беше страв да не ме фатат.” Не избегала, како што налага првиот импулс. Направила нешто што најверојатно во паника многу од нас би го направиле: разгледала околу нејзе, демек, која будала го скршила ова. Но сепак, до крајот на престојот во галеријата, стравот и незгодното победиле, па му кажала на некој од вработените. Ѝ се заблагодарил за искреноста и ја пуштил да си оди.

Таман помислила, океј, сега само ми останува да живеам со тоа, дотрчува друг вработен и ја вика кај шефот. Ја замолуваат да запише име, презиме, адреса и слични информации. Делото било од анонимен автор и чинело 8000 долари. Во секој случај немала толку пари.

Благодариме, пријатно – пријатно.

Од галеријата никогаш не ѝ се јавиле.

Затоа што, одлична вест за сите нас трапави љубители на уметност: делата во музеите и галериите ширум светот се осигурани.

Причината што на Алисон Кини ѝ барале податоци била единствено за записник на осигурителната компанија. „Луѓето што доаѓаат се поканети,” објаснува Колин Квин, директор во една американска осигурителна компанија што работи со уметнички дела. „И под претпоставка дека тој што ги поканил направил сè за да го заштити делото, осигурителната компанија ќе плати што треба да се плати. Се разбира, се прави разлика околу тоа дали некој намерно го оштетил, тогаш има и кривично гонење, но кога е ваква работата, се праќа извештај, се проценува и тука некаде завршува проблемот.”

Додава и дека таквите ситуации се многу ретки. „Музеите знаат дека отвараат врати за љубители на селфи и се спремаат соодветно.”

Квин кажува и дека посебна припрема кога се работи за деца. Шангајскиот музеј за стакло (што очигледно сам си го бара) ова го научува на потешкиот начин кога две деца се бркаат низ галеријата и кршат скулптура, Angel Is Waiting, на која што уметничката поминала 27 месеци и ја посветила на нејзината новородена ќерка. После уништувањето, решава да ја нарече „Скршено”. А што можеш друго, де.

Во друг еден, појезив случај, 350 години стара, барокна слика од Паоло Порпора вредна 1,5 милиони долари (ни хипотекарен кредит те вади, ни бутур) страда од 12-годишно дете. На снимките од сигурносните камери се гледа како детето (кое кај трапаво како секое дете, па уште е влезено со сок внатре) се сопнува и со тупаница влегува во сликата.

Од музејот му викаат дека се поправа, ич да не се секира и дека е осигурана. Воздишката на олеснување на неговите родители веројатно некако треба да влезе во 10 најолеснителни воздишки некогаш случени на планетава.

Ова важи за светот. За Македонија не знаеме до крај, па бидете внимателни, а децата ако ги едуцирате уметнички, не е лошо да си набавите едни меки лисици за низ музеј.

12 септември 2017 - 09:39